Скопје повторно се најде во фокусот на регионалните медиуми, овојпат како најповолна дестинација за точење гориво на Балканот. Словенечкиот весник „Дело“ во својата анализа за цените на горивата во регионот јасно препорачува – возачите да издржат до македонската престолнина.

„Ако одите на Балкан, издржете до Скопје и точете таму“, наведува словенечкиот медиум, посочувајќи дека Македонија нуди најниски цени на горивата во споредба со другите земји од поранешна Југославија.

Во анализата се потенцира дека владите во регионот се обидуваат да го ублажат растот на цените преку различни мерки, како намалување на акцизи и даноци, но просторот за дополнителни интервенции е ограничен.

„Владите на земјите од Западен Балкан на различни начини се обидуваат да го запрат растот на цените на горивата“, се наведува во текстот.

Сепак, и покрај тие мерки, Македонија останува најисплатлива опција за возачите, што ја прави атрактивна не само за домашните граѓани, туку и за транзитните патници и туристи.

Зголемувањето на цените на светските пазари, како што посочува „Дело“, дополнително го стеснува маневарскиот простор на владите, што значи дека разликите меѓу земјите ќе останат значајни.

Во таков контекст, препораката за точење во Скопје не е само практичен совет, туку и показател дека Македонија во моментов е лидер по најниски цени на горивата во регионот.

Линк од текстот.