Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, изјави дека ние сме една од првите влади во Европа што оди со намалување на даноците за горивата и дека ако некогаш се коленичеше за помош, сега ние сме тие што рефлектираат стабилност и им помагаат на соседите, при што посочи дека не треба да се заборави дека оваа Влада враќа 2,5 милијарди евра стари долгови на претходните влади.
– Се обидувам врз основа на оние информации што ги имам и добивам од страна на институциите да ги антиципирам предизвиците и со свои предлози да излезам пред колегите во Владата да дебатираме и да носиме решенија и тие треба да бидат во насока да им го олеснат животот на граѓаните во услови на криза, а не со внесување на дополнителна паника или параноја да им го правиме и онака тешкиот живот уште потежок – изјави премиерот Мицкоски во интервју за „Заспиј ако можеш“ на телевизијата „Алфа“.
Премиерот Мицкоски додаде дека нема потреба да се прави естрада во ваква ситуација, туку треба Владата да си ја врши работата да ги антиципира предизвиците и да носи решенија и тоа Владата го прави во моментот.
– Ние како единствена влада во регионот и една од ретките, две или три во Европа, повлековме чекор, кој е директно од буџетот со намалување на ДДВ, робустен чекор, иако пред тоа бевме свесни дека тоа ќе има генерално фискални импликации, кои можеби ќе ни бидат товар. Но тоа не е единствениот предизвик со кој ние се соочуваме оваа година. Ние како Влада треба да вратиме 2,5 милијарди евра стари долгови што ги направиле претходните влади. Имаме колективни договори, кои треба да ги испорачаме за нашите колеги, кои своите примања ги добиваат од Владата или владините институции, што значи зголемување на платата. Излезе Државниот завод за статистика во јануари, повторно имаме речиси 9 % пораст на платата во споредба со истиот месец минатата година. Значи, продолжуваат платите да растат иако од страна на опозицијата имаше хистерија дека не растеле. Ја имаме кризата во Заливот, ги имаме овие фискални мерки, кои директно значат намалување на цената на горивото – потенцира премиерот Мицкоски.
Покрај овој предизвик, премиерот Мицкоски нагласи дека она што не го гледаат граѓаните, а Владата го работи, е исто така и враќањето на оној т.н. солидарен данок на минатата влада, дојде времето кога сметката треба да се врати.
– Сето ова се сериозни предизвици со кои ние се соочуваме, од една страна, притисоците за промена на Уставот, а од друга, безбедносни ризици што мораме да ги антиципираме и да внимаваме. Така што сето ова како тема мора да се владее, да се претпостави, да се антиципира и да се понудат решенија – изјави премиерот Мицкоски.
Најлесно е да се создава параноја и да се плашат граѓаните како што прават други, вели тој, но она што Владата го прави е да внесе доза оптимизам, ведрина дека се владее состојбата и дека Владата знае што прави – дека прави добро за граѓаните.
– Мислам дека тоа го правиме засега, ја одржавме ценовната стабилност, имаме најниски цени на горивата во регионот и едни од најниските во Европа, тука зборувам и за бензините и за дизел-горивото. Многумина од граѓаните на соседните земји доаѓаат да полнат гориво кај нас. Ако во времето симбол за македонските граѓани и за соседните држави беше ние да коленичиме и бараме милост, сега состојбата е поинаква, ние сме тие што рефлектираат стабилност, сигурност, ние сме тие што нудиме решенија за граѓаните од соседните држави – дециден е премиерот Мицкоски.
Фото: Принтскрин




