Европска Унија е загрижена поради притисокот на САД врз Украина да направи територијални отстапки во преговорите со Русија, изјави денеска високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Каја Калас.
– Ова дефинитивно е погрешен пристап. Тоа се вклопува во рускиот прирачник за преговори – тие сакаат нешто што никогаш не било нивно и затоа сигнализираме дека ова е стапица во која не треба да паднеме, наведе Калас на маргините од состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Франција.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски во интервју за Ројтерс наведе дека САД понудата за безбедносни гаранции ја условуваат со повлекување на украинските сили од Донбас.
– Американците се подготвени да ги финализираат овие гаранции на високо ниво, кога Украина ќе биде подготвена да се повлече од Донбас, истакна Зеленски, додавајќи оти повлекувањето на украинските сили од Донбас би ја загрозило безбедноста на Украина, а со тоа и на Европа, бидејќи на Русија би и препуштиле силни одбранбени позиции во регионот.
МИА




