Предвремени парламентарни избори се единствен начин на кој што македонските граѓани можат да ги поразат црнилата олицетворени во криминалната и одродена власт на чело со аболицираниот Зоран Заев, порачува ВМРО-ДПМНЕ.
– Борбата на ова генерација е со црнилата кои надвиснаа над Македонија, црнила олицетворени во криминалната и одродена власт на аболицираниот Заев. Истиот оној Заев кој со 81 глас во Собранието го погази гласот на 2 милиона граѓани, Заев кој го промени името, идентитетот, јазикот и историјата на македонската држава и сопствениот народ. Борбата на генерацијата е со црнилата на Заев, кој насила ја турка двојазичноста во Македонија и Законот за јазици кој е спротивен на македонскиот Устав, соопшти денеска ВМРО-ДПМНЕ.
Промената на името и двојазичноста, се вели во соопштението, се хипотеки на Заев заради кои доби власт без изборна победа и со погазување на волјата на граѓаните.
– Заев не им вети на граѓаните променето име на државата, Устав, двојазичност. Заев не им вети црнила на граѓаните, не им вети повисоки давачки кон државата, криминални тендери и грантови, Кацарска судство и Рускоска обвинителство. Животот дојде за малкумина од врхушката на власта и СДСМ, оние кои ги испумпуваат буџетски средства, оние кои се богатат на грбот на македонскиот граѓанин и се одржуваат на власт благодарение на поразите кои и ги нанесуваат на Република Македонија. Предвремените парламентарни избори се единствен начин македонските граѓани да ги поразат црнилата олицетворени во криминалната и одродена власт на чело со аболицираниот Заев. Граѓаните на предвремените парламентарни избори ќе ја донесат зората, ќе ја дадат поддршката на ВМРО-ДПМНЕ, поддршка за вистински реформи, проекти, нови работни места, подобар животен стандард за граѓаните, подобро здравство и образование, во Република Македонија, се вели во соопштението на најголемата опозициска партија.