Српскиот претседател Александар Вучиќ, носител на листата на владејачката Српска напредна странка, објави победа на коалицијата предводена од СНС во сите 10 општини и градови каде вчера се одржаа локални избори, проследени со инциденти, тепачки и нерегуларности на кои посочија опозицијата и студентското движење.
Избори се одржаа во Аранѓеловац, Бајина Башта, Бор, Кладово, Књажевац, Кула, Лучани, Мајданпек, Севојно и Смедеревска Паланка.
Вучиќ, чие име „Александар Вучиќ – Србија, наше семејство“ го носеа сите листи на владејачката партија на локалните избори, прогласи „победа од 10-0“ над опозициските и студентските листи врз основа на прелиминарните партиски резултати.
Како што изјави, најнеизвесно било во Кула, каде што разликата во гласовите е – 530, како и во Бор, каде што наводната прелиминарна предност на СНС е околу 1.900 гласови.
„И благодарам на Србија за големата доверба…Се надевам дека по ова некои луѓе ќе престанат да ги бркаат сите што мислат поинаку, и дека денеска избегнавме огромно зло. Некои луѓе извади пиштоли, некои медиуми упаднаа во кол-центри, иако е нормално да ги поканиш своите поддржувачи, но претпоставувам дека револуционерните мисли често го замаглуваат мозокот со омраза кон луѓето“, рече Вучиќ.
Вучиќ изјави дека, според последното истражување на јавното мислење, СНС сега е во најдобра позиција во изминатите шест години.
Компаративната анализа со резултатите од претходните локални избори според СНС, покажува дека листата на СНС во повеќето области постигнала зголемување на поддршката во споредба со изборите во 2022 година. Најголемо зголемување на поддршката за СНС е забележано во Кладово, Бор, Мајданпек и Аранѓеловац, додека пад на поддршката е регистриран во Смедеревска Паланка, Књажевац и Кула.
Студентите во блокада по завршувањето на локалните избори во 10 локални самоуправи, објавија дека победи на парламентарни избори се одлучуваат во големите градови, каде што, како што изјавија, „многу потешко е да се спроведува заплашување и уцена“.
„Локалните се будат. Големите градови се подготвени. Промените доаѓаат. Србија не може да се смири. До победа“, објавија студентите на нивната веб-страница, blokade.org.
Според нивната проценка, неможноста за истовремено вршење притисок на голем број места, заедно со тешкотијата за тргување со позиции, работни места и разни бенефиции, е една од причините зошто парламентарните избори се уште не се објавени.
Тие изјавија дека листите што ги поддржале на локално ниво „покажуваат како се води борбата и во која насока треба да оди до конечната победа“.
„И покрај силните напори на режимот да влијае врз гласачите со уцени…СНС забележа пад од повеќе од 20 проценти во повеќето општини“, изјавија студентите.
„Уште утре очекуваме да бидат поднесени кривични пријави против полицајци, тепачи и службени лица кои нападнаа граѓани, не земајќи ги предвид последиците, како и жалби за изборни нерегуларности“, додадоа студентите.
Медиумите блиски до Вучиќ зборуваа за „тортура на блокадерите“ – како што владејачката партија го нарекува студентското движење и опозициските листи, а набљудувачите на опозицијата, студентското движење и невладините организации ја обвинија владејачката партија дека, во соработка со полицијата, ги заплашува граѓаните и создава нерегуларни избори за нормален изборен процес.
Според извештаите на независните набљудувачи и опозициските листи, денот на изборите беше обележан со бројни инциденти и нерегуларности, а гласањето на повеќето места беше проследено со физички конфронтации, напади врз граѓани, активисти и новинари. Физички пресметки беа регистрирани во Бор, Бајина Башта, Кула.
Пријавени беа бројни нерегуларности – од таканаречениот „бугарски воз“ до фотографирање гласачки ливчиња и притисок врз гласачите.
Набљудувачката мисија на Центарот за истражување, транспарентност и одговорност (ЦРТА) објави дека денот на изборите во 10 единици на локална самоуправа заслужува оценки „од најлошо до лошо“, а поради интензитетот на насилството во Бор, Кула и Бајина Башта, главните проблеми забележани во општините каде што ситуацијата беше релативно мирна остануваат во сенка. Со своите 10 набљудувачки мисии, ЦРТА, како што е наведено, „ги следеше денешните настани во ограничен капацитет на сите места каде што граѓаните излегоа на гласање“.
Набљудувачите насекаде виделе водење паралелни евиденции, случаи на загрозување на тајноста на гласањето и организирано доведување гласачи, што укажува на можно гласање под притисок, но во светлината на тепањата, вадењето оружје и ширењето страв, тие недостатоци на изборите неоправдано изгледаат „помалку“ сериозни, се истакнува во соопштението на ЦРТА.
Посебно загрижува фактот дека полицијата во најголем дел не била подготвена да ги заштити граѓаните кои биле изложени на насилство, ниту да ги приведе сторителите, предупреди ЦРТА.
Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, изјави дека на денот на изборите во 10 локални самоуправи, „блокадерите спроведуваат добро организиран и внимателно испланиран терор“.




