Секој што го сака Христос, секој што е негов ученик, секој што е посветен на неговото учење и секој што е посветен на доброто и на спасението, треба да се причестува, да го засведочува своето единство со Христос преку неговото тело и крв на света литургија. Тоа е утврдено на тајната вечера. Христос нè учи дека вистинската љубов е жртвена. И тој цело време тоа ни го сведочи. Првин миењето на нозете, па тајната вечера, па евхаристија – причест, кога вели ова е телото мое, ова е крвта моја, кој го пие телото мое, кој го јаде телото мое и ја пие крвта моја, ќе биде во мене и јас во него. Христос тогаш ја утврдува таа тајна на заедништвото. Тоа што го направил на тајната вечера, тоа ние ден-денес го правиме на светата литургија. Самиот Христос ветил дека тоа нема да прекине до второто негово доаѓање. Еднаш дојде како јагне божјо, но на крајот на светот ќе дојде како судија на целото човештво. И тоа е тајната на заедништвото.

Тодоров вели дека Евангелието извира од Христовата личност и таа вистина што извира од него и сето тоа што е направено од него е за наше спасение.

– Имам јас многу причини зошто Евангелието ми е број еден во сè. Не е само тука Христовата личност и тоа што зрачи од неговата личност и таа вистина што извира од него и сето тоа што е направено од него за наше спасение. Затоа што Евангелието е реално. Значи, нема фантазија, нема фантазија, нема занесување. Ние гледаме Христос цело време нè учи на реалност, на реалност, затоа што само духовните луѓе, само луѓето што се свесни и практиканти на оваа вистина, што Христос ни ја открил, тие луѓе реално ја доживуваат реалноста на овој свет. И апостолите поминале низ тој процес на спознавање на реалноста и процес на созревање. Биле луѓе како и ние, тоа е факт. И тоа е тоа, тоа е она што нам ни засведочува дека не треба да забегуваме, дека духовниот живот е процес, духовниот живот е од точка нула до бесконечност. Во еден момент почнуваш духовно да се раѓаш и сето тоа траело вечно – вели Тодоров.

Тој вели дека денес има сè помалку и помалку доблесни луѓе, сè помалку и помалку луѓе со вредност, сè помалку и помалку добрина во реалноста.

– Христос вели, на тие што се исполниле со духовни дарови, ќе им се преумножат уште дарови. Затоа што кога Господ ќе стекне доверба во нас, дека ние сме посветени на доброто, и за добрите и кон доброто, тогаш Господ уште повеќе ни дарува дарови. И обратно. Ако сакаме да бидеме манипуланти, сакаме да бидеме себични, лукави, Господ согледува какви сме и тогаш не остава сами на себеси. А кога ќе нè остави Господ сами на себеси, со нашата лудост, нашиот крај станува опасен. Тоа ние го гледаме денес што се случува во човештвото. Сè помалку и помалку доблесни луѓе, сè помалку и помалку луѓе со вредност, сè помалку и помалку добрина во реалноста – рече Тодоров.

Според него, целиот свет денес завлегува во цивилизација, во која не се вреднуваат вистинските доблести.

– Речиси целиот свет веќе денес завлегува во една цивилизација на неиспразнетост. Значи, цивилизација во која не се вреднуваат вистинските доблести, вредности, смисла, визија за животот итн.,туку цивилизација каде што се поклонуваме на еден и единствен „бог“, а тој „бог“ се парите. Не случајно некој си напишал на своите пари баш така, дека на тој „бог“ му се поклонува. Значи, тоа е таа сензација. Луѓето сакаат сензација. Дали тоа ќе биде религиозна сензација, дали ќе биде технолошка сензација, дали ќе биде еротска сензација, дали ќе биде политичка сензација. Ние тоа го гледаме во секојдневието. Луѓето се хранат со таа потреба за сензација, со жолт печат, со нездрава храна во буквална смисла на зборот и во преносна смисла на зборот. Тоа е таа цивилизација, цивилизација на испразнетост и цивилизација на површност. И таа цивилизација видливо е дека човештвото го води во една морална катастрофа. Дури и некои нешта што немаат ни врска со морал и со доблест се ставаат на пиедестал како морал и доблест. Страшно. Страшно е тоа – потенцира презвитер Тодоров.

ЈАНЕВСКИ: Во пресрет на Велигден ќе разговараме со презвитер Ивица Тодоров од МПЦ – ОА за некои делови од последните денови на Исус, кои веројатно ви се помалку познати, а кои се надеваме ќе го предизвикаат вашето внимание. Отец Ивица, во саботата беше Лазарева сабота, значи тоа е настанот со пријателот на Исус кој се разболува и за кого Исус, вели, тој не се разболе за да умре, парафразирам, туку за да се пројави мојата слава. Потоа тој го оживува, меѓутоа и тој ден е забележан како празник во нашата православна црква. Меѓутоа, интересно, тој настан се споменува само во едно од четирите библиски евангелија. Ако е од толкаво значење, значи во Евангелието според Јован, зошто го нема во претходните три, каде што Матеј, Марко и Лука пред влегувањето на Исус во Ерусалим ги споменуваат неговите чуда со слепите луѓе што прогледуваат, кај Матеј се двајца, кај Марко и Лука по еден слеп што прогледува. Тие се некои разлики, кои веројатно во прераскажувањата се јавуват. Меѓутоа, останува прашањето зошто овој настан, кој е клучен пред влегувањето на Исус во Ерусалим, се споменува само во Евангелието според Јован, а кое, пак, е последно напишано. Би било логично да е во првото.

ТОДОРОВ: Значи, тука има многу прашања и ќе се обидам едно по едно да ги одговорам. Прво, како православни христијани, се наоѓаме во периодот на страсната или страдалната седмица, тоа е седмицата со оние настани што се поврзани со крунското дело на нашиот спасител, на нашиот месија, а тоа е спасението на целото човештво од сотонското ропство, од злото, гревот, духовната смрт, од олеснета смрт и така натаму. Ова е период што црквата го нарекува страдална седмица, тој крунски период. Значи, во ранохристијанскиот период, во првите векови, всушност раната црква, односно раните христијани, христијаните од првите векови, во овој период учествувале со пост. И, всушност, постот бил само една седмица пред страдањето Христово.

ЈАНЕВСКИ: Не 40 дена?

ТОДОРОВ: Не 40 дена, една седмица. Значи, веќе подоцна, значи по четвртиот, петиот век итн.  Во рамките на животот на црквата се воведува оној принцип што го почитува црквата, а тоа е катихуменат. Што значи тоа. Значи, оние луѓе што сакале да станат Христови ученици, членови на црквата, тие се подготвувале еден подолг временски период. Некогаш тоа траело за некои од нив и до три години. Клучниот период од нивната подготовка бил овој периодот пред Велигден. И затоа овие 40 дена, односно таа света четириесетница, која била клучна за подготовка на катихумените, била додадена на овие седум дена од страдалната седмица, и имаме пост од 47 дена. И така во праксата на црквата влегува, како да кажам, ова што го имаме и денес. Постот пред Велигден да ја има светата четириесетница, 40 дена плус седумте од страдалната седмица – 47 дена. Е, сега, кога ми го поставивте прашањето за Лазар. Навистина, воскресението на Лазар е спомнато и засведочено од светиот апостол евангелиски Јован и настанот со Лазар, всушност, не се случува така како што е во редоследот на богослужбите на Православната црква, многу порано се случува од страдалната седмица. Но, сепак, црквата го става тој настан, значи Лазарева сабота, како настан на кој треба да се присетиме затоа што тој е поврзан со нешто за што Христос доаѓа во овој свет. Го кажав и тоа пред малку. Значи, да нè ослободи од сотонското ропство, да нè ослободи од злото, гревот, но, пред èе, и од духовната смрт, и од телесната смрт, односно од распадливоста. И тој особено силно ја манифестира својата месијанска моќ со воскресението на четвородневниот Лазар, кој живеел во Виталија, тоа е местенце во близина на Ерусалим. И кога Христос го воскреснува Лазар, всушност тој чин силно одекнува во Ерусалим и сите што живееле во Ерусалим биле засведочени за тоа чудо што Христос го направил и затоа кога Христос влегува на Цветници, оној ден што ние го нарекуваме Цветници, тоа беше вчера, кога влегува во Ерусалим, народот на Ерусалим го доживува како месија. Затоа му воспеева „благословен е оној што доаѓа во името Господово“. Е, сега, вака, тој настан не е засведочен од првите три евангелисти – Марко, Матеј и Лука, туку само од Јован. И, сега, и овој момент мора да го знаеме дека Јован останал во живот, говорам за биолошки живот, значи тој најдолго живеел од сите апостоли.

ЈАНЕВСКИ: Деведесет и повеќе?

ТОДОРОВ: Да, над 90 години и пред неговата биолошка смрт, тој починал во Ефес, значи епископите, односно старешините на црквата, епископите, овие три евангелија, односно сведоштва за сето тоа што Христос го правеше и го говореше, од апостолите Матеј, Марко и Лука, ги однесоа кај апостолот Јован. Тој ги прочитал, значи сите три евангелија.

ЈАНЕВСКИ: Значи, ги имал на увид претходните три?

ТОДОРОВ: Да, да. Тој ги имал на увид тие три евангелија. И затоа, како еден вид дополнување на сето она што недостигало од првите три евангелија, го пишува своето четврто евангелие. И тоа е напишано во Ефес од апостолот Јован. И од тогаш црвката како заедница ги носи тие 4 сведоштва, автентични сведоштва на сето она што Христос го направи за нас, го откри за нас, го кажа за нас, нè поучи итн., значи преку овие четири канонски евангелија. Црквата ги познава само овие четири текста, кои се напишани од апостолите.

ЈАНЕВСКИ: Уште нешто да заклучиме. Вие предмалку го спомнавте и самиот настан на воскресено оживувањето на Лазар, дека не се случува во сабота, ден пред влегувањето на Исус, туку претходно бидејќи во самото Евангелие се вели потоа Исус дојде, му припремија вечера. Тоа е сабота.

ТОДОРОВ: Марија, сестрата на Лазар, сега воскреснатиот Лазар, му ги мие нозете на Исус.

ЈАНЕВСКИ: Меѓутоа, од свои причини Црквата празникот го поставува во сабота?

ТОДОРОВ: Говорев дека овој период, значи од 40 дена плус седум дена, освен што веќе крстените членови на црквата го практикувале со пост, со молитва, со посериозен духовен подвиг, оние што се подготвувале за крштевање, всушност овој период бил користен како нивна последна подготовка за учество во светото крштевање. Крштевањето во првите векови, за разлика од денес, се одвивало на неколку големи празници. Се крштевало на Велигден, на денот на Христовото воскресение. И тој опход околу црквата што ние го имаме и ден-денес, значи тоа е опход кога одиме околу црквата, тоа е опход од самата света тајна на крштевањето. Значи, кога се крстени катихумените, тие што се подготвувале за крштевање, со нив заедно целата црковна заедница оди околу храмот како симбол на зачекорување по патот на спасението, и се оди трипати како симбол на светата троица. Од таму доаѓа тоа. Во ранохристијанскиот период, пред периодот на средниот век, во црквата не се вршело крштевање вака како што тоа се прави денес. Денес доаѓаш, ќе си закажеш крштевка и тоа станува индивидуален чин. Тогаш крштевањето, влегувањата во животот на црквата, бил црковен чин, не индивидуален. Самата црква се подготвувала за крштевања и на големите празници катихумените се крштевале. На Богојавление, Педесетница, Велигден… Се вршеле  масовни, групни крштевки.

ЈАНЕВСКИ: Ако се обидеме да направиме реконструкција на последните неколку дена на Исус на земјата, би можеле да заклучиме дека во сабота е вечерата во домот на Лазар?

ТОДОРОВ: Ќе мора да ве исправам, значи тоа не се седумте дена последни на Христос на земјата затоа што тој по своето воскресение уште 40 дена. Значи, тоа е последниот период од неговата месијанска спасителна служба, која е крунска. Мислам, тој е крунскиот период затоа што тоа е периодот во кој се влегува во суштината на неговата мисија. Тој доаѓа, Христос, месијата доаѓа во овој свет, да биде наш одговор, одговор на целото човештво. Зошто ова човештво се наоѓа во зло, од каде е злото, како да го победиме злото, кои се последиците од злото, како да се ообеди вината, како да се победи гревот, како да победи духовната смрт, како да се победи гнилоста, односно болеста, страдањето, самата смрт. Христос за тоа доаѓа во овој свет.

ЈАНЕВСКИ: Меѓутоа, можеме да заклучиме дека во сабота е всушност неговата вечера во домот на Лазар?

ТОДОРОВ: Така е, да. Според евангелското сведоштво.

ЈАНЕВСКИ: Каде што присуствува и самиот Лазар, а наредниот ден Исус влегува во Ерусалим. Зошто влегува на магаре, а не, на пример, пеш или на коњ. Едно од објаснувањата што можев да го најдам е дека се работи за питомо животно за разлика од коњот, кој асоцира на освојување. Меѓутоа, зошто не влегол пеш, да кажеме. Има ли објаснување?

ТОДОРОВ: Во овој период на страдалната седмица, страсната семдица, значи сите нешта што Христос ги прави, сè тоа е поврзано со пророштвата од Стариот завет… И, сега, сè што правел Христос, всушност сето тоа е претскажано од пророците. Како што е претскажано од пророците каде ќе биде роден, на кој начин ќе биде роден, каков ќе биде начинот на негово месијанско дејствување, така било претскажано од пророкот Захарија за тоа како месијата ќе влезе во Ерусалим. И тој пишува во својата книга, пророкот Захарија, во деветтата глава од својата книга, дека влегувањето на месијата ќе биде во Ерусалим на магаре. Зошто? Затоа што уште тогаш Бог го знаел настроението на најголем процент од претставниците на еврејскиот народ. Претставниците на еврејскиот народ сакале месија цар, месија што ќе покаже моќ. Тие се надевале дека кога ќе дојде месијата од родот на царот Давид, тој ќе биде со таква слава како што бил царот Давид. И тие се надевале дека месијата ќе дојде на бел коњ, ќе го крене еврејскиот народ и ќе ги ослободи од римското ропство и ќе ги направи најголем народ на планетата Земја. Тие така си го доживувале својот месија. Но вистинскиот месија, според пророците, според пророкот Захарија, влегува качен на магаре. Ние гледаме дека целиот живот на месијата, целиот живот на Исус, е крајна скромност. Во него нема грам гордост, во него нема грам суета, во него нема грам егоизам, во него нема грам манипулација. Зошто? Затоа што тој е пројава на чистото добро. Ние кога ги читаме евангелијата и кога се запознаваме со личноста Христова, ние гледаме една фасцинантна личност, личност што нашиот ум не може да изгради, затоа што нашиот ум е загаден од злото и ние не можеме да разбереме како изгледа еден добар човек. Така изгледа еден вистински човек… Значи, ние кога ќе се запознаеме со Исуса, ние се запознаеме со тоа каков треба да биде човекот во вистинска смисла на зборот, но се запознаваме и со тоа каков е Бог во вистинската смисла на зборот. И затоа на магаре, а не на бел коњ.

ЈАНЕВСКИ: Меѓутоа, тој вечерта во неделата не останува во Ерусалим. Има објаснување, зошто? Зашто не преспива или се тоа небитни моменти?

ТОДОРОВ: Па тоа се небитни моменти, но било многу блиску до Ерусалим. И таму биле неговите ученици, и потесниот круг од неговите ученици и поширокиот круг од неговите ученици. Сепак, никогаш не треба да го разбереме тој момент дека Исус е и Бог, но и вистински човек. Тој на вистински начин ја примил нашата човечка природа и во сè бил еднаков на нас, односно само во гревот. Во себе немал грев, немал зло. Но многу е битно, тој веќе утредента во понеделникот, речиси сите денови, ги поминувал во храмот ерусалимски, тој е центарот на еврејската вера, и таму ги кажува клучните пораки, клучните откровенија, вистини совети и до еврејскиот народ и до еврејската политичка елита, до еврејската религиозна верска елита.
 
ЈАНЕВСКИ: Зошто прави инцидент во храмот при првото влегување, ја растура масата? Има многу теоретичари кои од тука го изведуваат, изведуваат сосема поинаква теза потоа за настаите што следуваат.

ТОДОРОВ: Не прави инцидент. Не, има еден друг момент. Не случајно страдалниот понеделник почнува со оној настан со бесплодната смоква. Многумина се прашуваат, кога го читаат текстот, што му е виновна на Христос една смоква, па тој ја проколнува и таа останува сува. Тоа нема логика зошто сега, еден, оној што е апсолутно добро, значи Христос…

ЈАНЕВСКИ: Од една страна, е апсолутно добро, а од друга, ако дрвото нема плод, нема плод. Зошто ја проколнува да се исуши?

ТОДОРОВ: Тука е пораката што Христос му ја праќа на еврејскиот народ… И многу интересна работа. Евреите полека, незабележливо се оддалечувале од суштината на својата вера. Морам да бидам самокритичен и да го кажам тоа дека и нам, на христијаните, тоа ни се случува денес. Ние сме исто како смоквата. Да, има религиозни листови, има некаква пројава на религиозност кај секој од нас како христијанин, но нема плод, го нема плодот што Бог го бара од нас. Нема суштина, суштината се губи. Во тоа време суштината се изгубила. И затоа многумина кога го читаат светото писмо на Стариот завет, на Новиот завет, си го поставуваат тоа прашање, како сега Евреите со векови го очекуваа месијата и кога дојде месијата, не го препознаа. Зошто? Затоа што со текот на времето, а тој тек не беше краток, неколку векови, полека полека тие го скршнаа правецот на своето верување. Ја изгубија суштината на својата вера. Ја изгубија суштината. И кога дојде суштината на нивната вера, месијата, што тие го очекуваат, тие не го препознаа.

ЈАНЕВСКИ: Следуваат наредните три дена, кои се исполнети со неговите говори, проповеди, со употреба на разни метафори и параболи. Една од нив, за мене, прилично е интересна, каде што тој вели – зошто секому што има, ќе му се даде и ќе му се умножи, а од оној што нема и тоа што го има, ќе се одземе. Сега на прв поглед изгледа дека ваква порака не се очекува од Исус. Човек ја сфаќа на богатиот што има, ќе му се даде, а на тој што нема, и тоа малку што го има, ќе му се одземе. Ова е врзано со онаа приказна за богатиот кој на еден слуга му дава десет пари, на друг една. Ова со десет ги умножува и му ги враќа. Вториот е со пет, третиот е со еден, а овој последниот, тој е едниот што го закопал и му го враќа на богатиот истиот. Дали е тоа пораката или е нешто сосема друго?

ТОДОРОВ: Да, интригантно е вака кога се чита површно. Оваа парабола Христос ја говори во вториот ден од страдалната седмица во храмот. И зошто ја говори, повторно тоа е со плодот поврзано. Тука воопшто не се говори за материјални богатства. Веднаш да расчистиме, не се говори за материјални богатства и не се говори за материјално богатство на некого, туку за духовно. Значи, Христос зема еден образ, парабола од секојдневниот живот, и ни ја открива оваа духовна вистина, дека секој човек на планетата Земја како личност има свој дарови. Е, сега, ако тие духовни дарови, потенцијали, ги посвети кон добирот, кон Бог и кон доброто, тогаш посветувајќи ги и практикувајќи добро, практикувајќи вистина, тој ги умножува своите дарови. Тоа е многу интересна работа. Ако некој човек има дар за говор, на пример, и ако тој дар за говор или дар за пеење го посвети на Бога и го посвети на доброто и на добрите, за добро на човештвото, тој дар сè повеќе и повеќе ќе го умножува и тој како личност ќе стане подоблестен, поплеменит. Значи, ако си добил, на пример, неколку дара од Господ и ако тие ги принесеш во слава на Бога и за добро на луѓето, ти уште повеќе ја умножуваш добрината кај себеси, уште повеќе ја умножуваш духовноста кај себеси, уште повеќе ја умножуваш богоподобноста кај себеси, и обратно. На пример, ако имаш некој дар и просто затоа што си мрзлив и лукав, си велиш, ма каков Господ, какви глупости, какво добро, што ми е мене гајле, јас ќе си терам како што мене ми одговара. И тој дар не го посветиш на добриот и за доброто или не го посветиш за ништо. Просто не се интересираш, си го гледаш својот ќеф. Ти тогаш ништо не умножуваш кај себе затоа што не си доблестен, немаш доблести, немаш вредности, тогаш ништо не умножуваш кај себеси, ништо, остануваш празен. Тоа е еден факт, еден духовен факт со кој се соочуваме сите во нашата реалност. Гледаме луѓе што не дека немаат потенцијали, тие имаат и интелект и способности за ова, но се себични, мрзливи се, лукави се и како личности остануваат празни, пусти. Но гледаме луѓе, на пример, кои имаат, можеби, скромен дар за ова и за она, но го посветуваат тој скромен дар за добриот и за доброто на сите и гледаме како личност тие сè повеќе и повеќе растат, се усовршуваат, стануваат добри, стануваат богослични битија, стануваат полни личности, радосни личности, личности исполнети со живот за разлика од оние што се исполнет со празнина. И затоа Христос вели, на оние што се исполниле со духовни дарови, ќе им се преумножат уште дарови. Затоа што кога Господ ќе стекне доверба во нас, дека ние сме посветени на доброто, и за добрите и кон доброто, тогаш Господ уште повеќе ни дарува дарови. И обратно. Ако сакаме да бидеме манипуланти, сакаме да бидеме себични, лукави, Господ согледува какви сме и тогаш нè остава сами на себе. А кога ќе нè остави Господ сами на себе, со нашата лудост, нашиот крај станува опасен. Ние тоа го гледаме денес што се случува во човештвото. Сè помалку и помалку доблесни луѓе, сè помалку и помалку луѓе со вредност, сè помалку и помалку добрина во реалноста.

А сè повеќе и повеќе празнина, пустош и лудост. Тоа е со параболата… Христос ни ја упатува оваа порака и нам, на сите христијани. Ја упатува оваа порака и до нашите светски лидери и до нашите верски лидери. Кои се нашите плодови? Дали нашите плодови со кои се фалиме според нас и за нас или се тие плодови посветени на добриот, односно на Бог, и за доброто на другиот. Ако тоа ние не го правиме, тогаш се лажеме. И тоа што го имаме, и тоа Господ ќе не го земе. А за жал, и го гледаме она што се случува околу нас. Пустош гледаме духовно. Сега не сакам, можеби, јас претерувам, можеби сум многу пререален или нереален. Што знам. Тоа го гледам во нашето општество, конкретно во нашето општество, да не одам сега пошироко.

ЈАНЕВСКИ: Еден од најинтересните настани, можеби еден од најмистичните, е тајната вечера во четврток, меѓутоа тука се чини нема разногласија меѓу евангелистите што се случувало на таа вечера, а контроверзноста на таа вечера ја предизвикува сензационализмот на Ден Браун, толкувањето на сликата на Леонардо да Винчи, каде што апостол Јован, кој седи десно од Исус, според тоа толкување, всушност, Марија Магдалена, па потоа се бара и приказната за Светиот грал и кој, според едни, е пехарот од кој се пиело виното таа вечер, односно, како што вели Исус, ова е мојата крв, а според други, станува збори за Светиот грал, за потомок на Исус. Колку се за Црквата прифатливи ваквите размислувања, не во смисла да ги отфрла, меѓутоа за натамошно, не е поентата, едноставно, да се отфрлат.

ТОДОРОВ: Не да се отфрлат, но сега да се повикува некој на „авторитет“, како Ден Браун, како нешто сериозно, за мене е неприфатливо затоа што го кажав тоа и пред малку. Речиси целиот свет веќе денес завлегува во една цивилизација на неиспразнетост. Значи, цивилизација во која не се вреднуваат вистинските доблести, вредности, смисла, визија за животот итн., туку цивилизација во која се поклонуваме на еден и единствен „бог“, а тој „бог“ се парите.
Не случајно некој си напишал на своите пари баш така, дека на тој „бог“ му се поклонува. Значи, тоа е таа сензација. Луѓето сакаат сензација. Дали тоа ќе биде религиозна сензација, дали ќе биде технолошка сензација, дали ќе биде еротска сензација, дали ќе биде политичка сензација. Ние тоа го гледаме во секојдневието. Луѓето се хранат со таа потреба за сензација, со жолт печат, со нездрава храна во буквална смисла на зборот и во преносна смисла на зборот. Тоа е таа цивилизација, цивилизација на испразнетост и цивилизација на површност. И таа цивилизација видливо е дека човештвото го води во една морална катастрофа. Дури и некои нешта што немаат ни врска со морал и со доблест, се ставаат на пиедестал како морал и доблест. Страшно. Страшно е тоа. Но, тајната вечера, тоа е Величетврток, значи тајната вечера, она што ние го нарекуваме тајна вечера, е всушност една обична пасхална вечера. Тоа значи премин, тоа бил спомен-ден.
 
ЈАНЕВСКИ: Спомен на нивното излегување од Египет?

ТОДОРОВ: Да, тоа значи тоа. И уште од Господ, уште на Мојсеј му заповеда како требало тоа да изгледа, како требало да се празнува пасхалната вечера. Многу е битно зошто Бог му заповеда на Мојсеј. Ќе ни треба цела една емисија да зборуваме за тоа како изгледа обредот на пасхалната вечера. Има елементи што во себе имаат месијанско пророштво. Значи, за доаѓањето на месијата, на пример, за јагнето на кое не треба да му се скрши ниедна коска. Тоа го гледаме ние кога Христос висел на крстот, додека на едниот и на другиот разбојник им се прекршени колената, на Христос, неговото тело не е повредено со ништо, освен тоа со копјата, но и тоа е претскажано. Сега да се вратам на тајната вечера. Тајната вечер се случува во четврток вечер, според наше мерење на времето. Кај Евреите другиот ден почнува со заоѓање на сонцето, всушност тоа е веќе петок. Штом ќе зајде сонцето, веќе почнува другиот ден. Ние во Православната црква по тоа библиско еврејско мерење и ден-денес така ги устројуваме нашите богослужби. Нашиот ден почнува со вечерна служба, значи со вечерната служба почнува богослужбениот дел од следниот ден. Зошто во четврток вечер, тоа е еврејскиот петок, затоа што следниот ден се празнувала еврејската пасха. Ако Бог преку Мојсеј го ослободи еврејскиот народ од египетското робство, сега Бог со вечниот наш Отец небесен, т.е. сесилниот преку месијата, целото човештво го ослободува од сотонското робство, од злото, од гревот, од духовната смрт и од телесната смрт. Значи, Христос дојде да биде наш ослободител. Како што Мојсеј беше ослободител на еврејскиот народ од египетското ропство, така Христос дојде да биде наш ослободител од она што го кажав предмалку, да биде наш спасител. И, сега, затоа што тој беше ветеното јагне.

ЈАНЕВСКИ: Затоа е тајната вечера на Пасха?

ТОДОРОВ: Во четврток вечер. Затоа што тој беше јагнето што требаше да се принесе за жртва откупителна, за ослободување на целото човештво. И затоа тој вкуси смрт како вистински човек во петок, односно тој е тој – јагнето божјо или јагнето што се принесе за нас за откупување на нашите гревови. Што тоа значи, ќе говориме понатаму затоа што тоа е суштината на Христовото доаѓање на овој свет, неговото страдање на крстот, тоа што ние го нарекуваме откупителна жртва или жртва на откупување, значи Христос на крстот. Целото човештво го ослободува од сотонското робство, од вината и од гревот, а го ослободува затоа што Христос на крстот со својата жртвена љубов го победува злото како концепција на постоење, како болна состојба, или болна концепција или состојба на постоење, и го победува оној што е изворник на злото, сотоната, односно оној ангел што свесно и слободно избрал од добар да биде зол. Да биде носител на злото. Тоа се случило на крстот.

ЈАНЕВСКИ: Тајната вечера за многумина е позната и по тоа што Исус кажува дека ќе биде предаден и кажува кој ќе го предаде. Во гностичкото Евангелие, меѓутоа според Јуда, се тврди дека тоа е всушност договор. Предавството од страна на Јуда е договор меѓу него и Исус за да се исполни натамошниот предвиден тек на настаните, што не дава објаснување зошто тогаш Јуда се обесил. Меѓутоа, колку е тоа Евангелие проучено?

ТОДОРОВ: Благодарам, ги спомна овие апокрифни евангелии, многу е битно затоа што многумина денес манипулираат со тие евангелија апокрифни или евангелија што воопшто не се плод на апостолите и црквата како заедница, никогаш тоа да не го заборавиме, црквата е заедница. Значи, први век, втори век, трети век итн., се знаело колку христијани постоеле тука во ареалот на Средоземното Море итн. И тие од генерација на генерација примале само четири евангелија, односно тие четири сведоштва. Мора да се признае дека во рамките на гностицизмот тоа е едно филозофско верско учење синкретичко. Значи, тие земале, тоа е нешто како денешното њу ејџ, значи земаш нешто што ти се допаѓа од ваму, земаш од онаму и правиш нешто како што тебе ти одговара. Гностиците биле познати по тоа, е сега затоа што апостолите имале голем авторитет, духовен авторитет во тој временски период, тие своите текстови ги насловувале по името на некој апостол за да добијат авторитет. Но и тие се ширеле во рамките на гностичките заедници, но никогаш црквата, едната светасоборна апостолска црква, таа црква што Христос ја формирал, таа црква што на педесетницата ја примила силата на Светиот Дух, таа, црквата, никогаш не ги, како да кажам, не ги познавала тие текстови како свои. И затоа треба секогаш да се концентрираме на овие четири евангелски сведоштва, затоа што тие најавтентично ни сведочат за сите настани што се случиле еве и на тајната вечера.

ЈАНЕВСКИ: По вечерата, Исус оди да се помоли.

ТОДОРОВ: Има еден момент, има многу аспекти на тајната вечера. Првиот, тајната вечера или таа пасхална вечера, почнува со миење на нозете. Значи, Христос им ги мие нозите на своите апостоли. Со тоа сака да им покаже еден битен пример. Тој неколкупати и пред тоа им кажува – да не бидете и вие како оние што господарат со народот. Туку треба, бидејќи знаел како ќе се развива понатаму, Христос, неговата црква, тој на апостолите, а преку апостолите и денес на Црквата, ни ја праќа оваа порака, дека ние првин треба да им бидеме слуги на другите. Кој сака да биде прв, нека биде последен, вели Христос, или ќе биде слуга на другите. Тој како нивен учител, самиот месија, им ги мие нозете на своите ученици… Значи, првин миењето на нозете, па тајната вечера, воспостелување на евхаристија – причест, кога вели ова е телото мое, ова е крвта моја, кој го пие телото мое, кој го јаде телото мое и ја пие крвта моја, ќе биде во мене и јас во него. Христос тогаш ја утврдува таа тајна на заедништвото. Тоа што го направил на тајната вечера, тоа ден-денес ние го правиме на светата литургија. Значи, и тоа кажал, дека самиот Христос ветил дека тоа нема да прекине до второто негово доаѓање. Еднаш дојде како јагне божјо, но на крајот на светот ќе дојде како судија на целото човештво. И тоа е тајната на заедништвото. Значи, секој што го сака Христос, секој што е негов ученик, секој што е посветен на неговото учење и секој што е посветен на доброто и на спасението, тој треба да се причестува, да го засведочува своето единство со Христос преку неговото тело и крв на света литургија. Тоа е утврдено на тајната вечера. Потоа имаме неговата просвештеничка молитва, која е една многу прекрасна молитва до небесниот отец, каде што Христос се моли сите да бидат едно со Отецот, како што сме јас и ти, така сите да бидат.
 
ЈАНЕВСКИ: Има таму еден елемент што мене ми остава впечаток. Во еден момент прашува дали може да ме одмине?

ТОДОРОВ: Тоа е егициматската молитва. Не, тоа е веќе друго нешто. Тоа е после тајната вечера. Првосвештеничката молитва е на тајната вечера. Како треба тоа да го разбереме. Христос е вистински Бог затоа што како Син Божји ја споделува истата божествена природа со Отецот и Светиот Дух, но и вистински човек. Сега, тој е новиот Адам, и тој, затоа што првиот Адам не беше послушен на божјата волја, туку тргна по себеси, без да има созреана своја волја, туку тргна по волјата на злото и нè воведе во зло заедно со Ева. Сега Исус како новиот Адам, тој вика – не Оче, не мојата волја, туку твојата волја да биде. Тоа е, како да каже, пројавата на новиот Адам, пројавата на новото човештво, која ќе се пројави во Црквата, во Христовата заедница. Човештво што ќе живее по божјата волја. Што значи тоа да се живее по божјата волја. Затоа што сите ние, како божји созданија, сме создадени со слободна волја. Но додека ние не дојдеме до вистината, ние не можеме да разбереме што е слобода. Која е прикаската во овој свет. Ние не сакаме вистина, сакаме да бидеме слободни. Слобода без вистина е анархија. Слобода без вистина е зло. Слобода без вистина е уништување. И ние сите се лизгаме лесно по таа сотонска игра. Сакаме слобода без вистина… И ние, еве гледаме што правиме во овој свет. Хаос. Значи, страста, злото, перверзијата, ги доживуваме како вредности. Вредности што не уништуваат.
 
ЈАНЕВСКИ: Следува неговото апсење таа вечер и утредента изведувањето пред Пилат, потоа судењето и во сите четири евангелија, без исклучок, вината за тоа ја носат еврејските свештеници, а Пилат дејствува како владетел кој ја сфаќа неговата невиност, ги мие рацете, крвта е на вашите раце, неговата сопруга му вели – остави го овој човек. И тоа е една од причините што во наредните 2.000 години Евреите доживуваат многу погроми. Меѓутоа, во тоа време колку е реално да се сфати дека еден римски владетел би дозволил други да одредуваат кој ќе биде егзекутиран, а кој не. Се чини како евангелистите свесно да бегале од тоа вината да биде префрлена на Пилат за да може да ги шират евангелијата во Римското Царство?

ТОДОРОВ: Не, тоа не е точно затоа што Римјаните имале традиција конкретно, Римјаните си имале мака со Евреите, пред тоа имало бунтови итн. и просто и Римјаните, Евреите, воопшто не се сакале. Како што, всушност, ниеден кој е под окупација не го сака својот окупатор.

ЈАНЕВСКИ: Него го интересира дали Исус е бунтовник или не.

ТОДОРОВ: За него, тој момент е прекршување на законот, значи за тоа го обвинувале Исус. Дека тој велел оти ќе го разруши храмот, па ќе го подигне. Тоа за него ништо не значело. Тоа било во рамките на еврејската вера, што и тој којзнае колку е разбирлив итн., и самиот тој имал одбивност, но тој самиот го гледал, го доживеал Исус како некој што во себе нема никаква вина. А потоа многу е интересен моментот кога Христос говори за вистината, Пилат му поставува едно прашање – а што е тоа вистина?. Христос не му одговорил затоа што тоа се два концепта. Западниот филозофски концепт, кој говори за тоа што е вистина. Значи, вистина како принцип, вистина како филозофски систем. За Евреите, не постои вистината како принцип или филозофски систем. За Евреите, вистината постои како Бог, како тој што е, кој е извор на вистината. Затоа Исус не му одговара на прашањето на Пилат што е вистина, затоа што самата вистина, која е личност, стоела пред Пилат. И Пилат го доживеал сето тоа. Тој увидел дека нема никаква вина во него и дека сето тоа што му го прават лидерите, и политички и верски, на еврејскиот народ, тоа го прават од завидливост и од страв да не ја изгубат својата положба во која тие се, како да кажам, ја уседнале и ја злоупотребувале. Всушност, тоа е тој момент на сувата смоква. Тие се најдобар показател на сувата смоква. Никакви плодови, само лисја. И тие доаѓаат кај Пилат и бараат да биде распнат. Пилат користи еден многу интересен аспект, што секогаш на Пасха римскиот гувернер ослободувал еден познат еврејски заробеник. И сега тој им кажал, демократија, изберете кого сакате, Варава или Исус.

ЈАНЕВСКИ: Да, но малку не е логично. Оној Варава, кој го загрозува Римското Царство, тој се согласува да биде ослободен, а распнува човек кој…?

ТОДОРОВ: Тоа Евреите избрале. Значи, не избрал Пилат. Евреите. Сè е тоа по нивен избор. Односно, Евреите избрале. Многу треба да се објасни. Избираат оние што се лисја, а не плод. Избирале оние што во себе немале плодот од животот во Тора, во животот во законот, во пророците итн. Значи, тие, ним им било битно да си ја задржат положбата, социјалната положба на духовно политичката елита. Дури и под окупација тие живееле, особено и фарисеите… крајно луксузно. И затоа ним им било битно да си ја задржат положбата. А тие гледале, особено биле итри, по она што се случило со Лазаровото воскресение и кога Христос влегува во Ерусалим, тие го гледаат расположението на народот. Тие веднаш реагираат, тоа е најдобар показ за политичка пропаганда. Тие бргу користат политичка пропаганда и тој народ што бил воодушевен од Исуса, го вртат против Исус.
 
ЈАНЕВСКИ: Да, тој елемент е исто нелогичен. Имате човек кого го сметате за месија и кој пред вас изведува чуда. Значи, слепи прогледуваат, оживува мртви, а одеднаш потоа се собира маса народ што вика – распни го?

ТОДОРОВ: Значи, таа нелогика ние и ден-денес ја живееме, ние гледаме нелогика во севкупното наше живеење во овој свет. Каде е логиката во овој свет? Ако ние ја гледаме логиката надвор од Христос, таму нема логика, тоа е лудост. Ако нашиот живот, нашето лично живеење, нашето семејно живееме, нашето црковно живееме, нашето општествено живење го оттргнеме од вистините и од вредностите што Христос ни ги откри, ние ја губиме логиката. Ние гледаме денеска во овој свет што се се случува, а нема логика. И ние самите кога сме сведоци на разни политички, социјални, економски нешта, што се случуваат во овој свет, се фаќаме за глава и викаме, зар ова има логика. Па нема логика. И овој свет без Христос нема логика. И тоа најдобро било покажано тогаш. И гледаме и ден-денес. Тоа Достоевски во големиот, великиот инквизитор, најубаво го објаснува. Кога доаѓа Исус таму во Шпанија, во инквизиторско време, и му доаѓа великиот инквизитор, кардиналот му вели, што доаѓаш овде да нè мачиш. На луѓето не им треба вистина, не им треба слобода, луѓето сакаат да бидат робови. Тука е целата прикаска што Христос дојде да нè ослободи. Но, ние сега, кој тоа ние, тоа е многу широко, но огромен процент од човештвото не сакаат да се ослободат, сакаат да бидат робови.

ЈАНЕВСКИ: Следува чинот на распнување. Тоа што мене ми остава впечаток е дека во сите четири евангелија е запишано дека на распнувањето е присутна Марија Магдалена.

ТОДОРОВ: Марија, мајка му, Марија, Јован и уште некои жени. Другите апостоли се разбегуваат. Петар дури и се откажува од Христос.

ЈАНЕВСКИ: Петар се откажува трипати и тоа е интересно, на пример, само во Евангелието според Јован е запишано дека Јован е присутен.

ТОДОРОВ: Да, тој е сведок, тој е директен.
 
ЈАНЕВСКИ: Тој е единствен сведок. Зошто ги нема другите?

ТОДОРОВ: Страв. Па Христос и на апостолот Петар и на другите апостоли им го кажува тоа. Значи, кај апостол Јован го има тоа, тој момент кога Петар дури се сили и кога Христос – па ти три пати ќе се откажеш од мене. Значи, апостолите, тоа е еден друг момент.

ЈАНЕВСКИ: Зашто тогаш врз него ја гради црквата, му вели, ти ќе бидеш „карпата“.

– Не врз него, не врз него. Убаво пишува таму во Евангелието според Матеј, 16. глава, кога Христос, месијата, ги прашува апостолите, што мислите вие, кој сум јас? И сега апостолите даваат разни одговори. И во еден момент Петар кажува, ти си Христос, односно месијата, Синот на живиот Бог. И сега Христос вели: Шимон, Симон, тој се викал Симон, Шимон на еврејски, вика на тоа исповедање, на таа вистина, ќе ја изградам црквата своја. Значи, секој човек што ќе исповеда дека Исус е месија, Христос, синот на живиот Бог, спасителот на светот, тој ќе биде темел на Христовата заедница во овој свет. Значи, на исповедањето, на вистината за тоа кој е Христос. И плус Христос му вели на апостолот Петар. Она што ти го кажа не ти дојде од телото, односно од тебе, туку мојот Отец небесен ти го откри. И затоа Петар, затоа Петар е наречен Петар, на грчки камен, Кифа е на арамејски, значи карпа. Тоа бил неговиот прекар. Неговото вистинско име, еврејско име, Шимон, Симон. Ние го нарекуваме Симон каменот, односно Симон кефа, карпа. Тој го кажал тоа исповедување, односно таа вистина на која ќе се темели Христовата заедница во овој свет. Црквата се темели на таа вистина, дека Исус е месија. Ако Исус не е месија, тогаш ние лажеме. Тогаш што сме ние. Ние сме празнина тогаш.
 
ЈАНЕВСКИ: Мајка му е присутна единствено на распнувањето само според Евангелието според Јован или според сите?

ТОДОРОВ: Не, не, во сите четири евангелија се спомнува дека само Марија, неколку жени и Јован, убаво спомна, биле останати под крстот. А другите…

ЈАНЕВСКИ: Секаде вели Марија Магдалена.

ТОДОРОВ: Па и Марија, да. Марија Магдалена била посветена ученичка Христова. И таа, по сведоштвото, е меѓу првите жени што ќе го видит Исуса воскреснат.
Само да не ја ставаме Марија Магдалена и да не ја доживуваме низ призмата на Ден Браун. Сега да не говорам за некои проблематични новинари, кои имале цел да направат една, како да кажам, теорија за некои тајни друштва итн.

ЈАНЕВСКИ: Зошто прво неа ја избира да се појави по воскреснувањето. Со тоа што во едно од евангелијата таа му ги опфаќа нозете, а во другото вели – не допирај ме?

– Не, не, не. Во евангелијата имаме три сведоштва за тоа како жени му ги мијат нозите на нашиот Спасител. Кај еврејскиот народ, односно кај блискоисточните народи, кога ќе дојдеш на гости, чест било да им се измијат нозете на гостите.

ЈАНЕВСКИ: Зборувам по воскресението.

ТОДОРОВ: Не, не, не. Значи, Марија Магдалена ниеднаш не била, не е ниедна од овие три жени што му ги измила нозите. Значи, таа блудница што се спомнува, таа не е Марија Магдалена. Марија Магдалена не била блудница.

ЈАНЕВСКИ: Не, тоа е жената од која тој истерува седум демони.

ТОДОРОВ: Да, да. Таа имала сериозна демоноопседнатост. Сериозна демоноопседнатост. Тоа е тоа. И сега Христос им се јавувал на сите свои ученици, вклучувајќи ја и неа. И на крајот, што е многу битно, тој однос што Христос го гради со своите ученици, тој на тајната вечера вели – веќе не сте мои слуги, туку мои пријатели, односно Бог открива една нова димензија што ќе ја воспостави со човештвото. Човештвото веќе не е во состојба да робува. Не е во состојба да го гледа Бог онака како што го гледале тоа паганите, нивните божества, па дури и самите Евреи во Стариот завет. Бог што се пројавува преку строгост и правдини итн. Сега, Бог, тој што е нашиот творец, најдлабоко, најсуштински, преку Христос ни се открива како отец што љуби, како татко. И ние гледаме дека суштината на христијанството, суштината на односот во христијанството и суштината на односот на христијаните кон светот е мудра жртва на љубов. И таква љубов Христос градел со сите свои ученици. Не сакал да привилегира некого над некого итн. со сите.

ЈАНЕВСКИ: Освен можеби Јован, кој се сметал себеси за најомилен меѓу учениците.

ТОДОРОВ: Јован, Јаков, доаѓа, затоа што тоа е еден настан пред страдањето Христово, доаѓа мајката на Јован и Јаков и вели – тие размислувале по логиката дека месијата ќе биде политички лидер. Ти утре-задутре, кога ќе се зацариш, може ли едниот и другиот син да седнат од едната и од другата страна. Уште тогаш клиентелизам. А што да правиме, луѓето се луѓе. А Христос и кажа, ти не разбираш што зборуваш. Па луѓето се луѓе, како што ги гледаме, самите апостоли, го спомнавме тој момент, тие гледале три и пол години, гледале такви нешта, слушале такви нешта од самиот Христос. Директно биле, но стравот си е страв. Апостолите стравот го изгубиле по денот на педесетницата. Дури и после кога осведочиле за воскреснатиот Исус, тие од стравот од Евреите се криеле во горната соба, во истата соба каде што била извршена тајната вечер итн. Но тие ја добиле смелоста, храброста, да сведочат за вистината во тој момент кога на денот на педесетницата, тоа е 50 дена од Христовото воскресение, значи на денот на педесетницата кога ја примиле силата на Светиот Дух во себе. И кога ја примиле силата на Светиот Дух, осведочени од вистината како таква каква што е и водени од Бог, од самиот Бог, преку силата на Светиот Дух, тие неустрашливо, со една таква духовна храброст и таква сила на зборот, почнале да го шират евангелието. Тоа е темелот.

ЈАНЕВСКИ: Меѓутоа, кога се увериле, некако произлегува дека нема голема разлика меѓу сите други апостоли и Тома, кој првин сакал да се увери, па дури потоа до крај да ја прифати неговата улога.

ТОДОРОВ: …И апостолите поминале низ тој процес на спознавање на реалноста и процес на созревање. Биле луѓе како и ние, тоа е факт. И тоа е тоа, тоа е она што нам ни засведочува дека не треба да забегуваме, дека духовниот живот е процес, духовниот живот е од точка нула до бесконечност. Во еден момент почнуваш духовно да се раѓаш и сето тоа траело вечно.

ЈАНЕВСКИ: Отец Тодоров, Ви благодарам за разговорот.

(Интервјуто е снимено на 2 април 2018 г. во рамките на емисијата „Без ракавици“, но темата е вечна. Нека ви е честит и среќен Велигден)

МИА