Францускиот претседател Емануел Макрон денеска оцени дека двонеделното примирје меѓу САД и Иран е „многу добра работа“ и изрази очекување дека во наредните денови и недели прекинот на огнот ќе биде почитуван за да се овозможат преговори за трајно решение за нуклеарните, балистичките и регионалните прашања.

На почетокот на состанокот на Советот за одбрана што се одржа во Елисејската палата, Макрон особено ја нагласи критичната ситуација во Либан, каде што нападите престанаа во последните часови, но предупреди дека прекинот на огнот мора „целосно да го опфати Либан“, објави порталот „BFM TV“.

Францускиот претседател изјави дека околу 15 земји, под водство на Франција, работат на повторно отворање на Ормуската Теснина, низ која минуваат околу 20 проценти од светската сурова нафта и течен природен гас.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе помогнат во намалувањето на застојот низ морскиот премин и ќе останат во регионот за да обезбедат непречен премин на бродовите.

ФОТО: Чајна Дејли