Пристигнувањето на првиот воз од Солун во Велес на 9 април во далечната 1873 година го означува почетокот на железничкиот сообраќај во Македонија. Токму овој ден, пред 32 години е прогласен за Ден на железничарите. Во посета сме на железничкото депо, каде се одржува и поправа возниот парк, каде со искуство и голема мотивација, локомотивите се враќаат на пругите. Откриваме и како легендарниот „Шпанец“ доби нова шанса и кој стои зад неговата успешна приказна.
Депото на МЖ Транспорт е поделено во неколку сегменти, каде се одвиваат повеќе работни процеси. Од дневни контроли на возовите, депо за дизел и за електрични локомотиви, хала каде се извршуваат поголеми зафати на возовите, како на пример промена на осовини, до работилници каде невозможното станува возможно.
-Имаме дневни прегледи, месечни, тримесечни, шест месечни и дванаесет месечни прегледи. Точно е прецизирано во кој процес кои активности и технички проверки и поправки треба да ги извршат вработените за локомотивите да можат да одат во сообраќај и да бидат техничко безбедни. Имаме ограничени ресурси, претежно во делот на резерви делови, но луѓето се доволно искусни тука и успеваме овие три локомотиви да ги одржуваме во живот и да им се продолжи работниот век, вели Игор Коруноски, директор за влеча и одржување на возните средства во МЖ Транспорт.

Трите локомотиви од серијата 661 од минатата година повторно се најдоа во служба на железничкиот товарен сообраќај.
Петре кој 43 години работи во Македонски железници е горд што заедно со колегите ги вратиле во функција локомотивите, познати како „Кенеди“, по две години неработење.
-Јас го знам и каков крш беше пред извесно време, а сега дотерани, исфарбани, во исправна состојба, едноставно се полниш со позитивна енергија, знаеш за што работиш. Тоа е убаво чувство, од ништо да направиш нешто, и дома си доаѓаш исполнет. За работникот треба да работи и да се види крајот на работата, да има успех. Ние тоа го исполнивме и задоволни сме, истакнува Пејков, координатор за електричен дел на дизел локомотиви.
Од заборавени локомотиви до оперативни композиции. Работата далеку од едноставна, но ентузијазмот и енергијата големи. Машините постари, но искуството на мајсторите поголемо. Дел од помладите вработени со кои разговаравме велат дека задоволство е кога работата ќе се заврши успешно.

-Направивме доста за претпријатието, локомотиви пуштивме во сообраќај, патничките возови ги вративме исто. Така што мислам дека полека, полека одиме на голема позитива. Мислам дека и самите патници ќе го забележат тоа, ќе се зголеми и патничкиот сообраќај бидејќи ние моментално сме најевтини со картите за патување, смета Никола Петковски кој работи како електромеханичар.
-Преголемо е задоволството кога толку голема машина што доаѓа тука со дефект, ќе се поправи и исправна излегува од тука, од депото, вели електромеханичарот Марко Ѓорѓиев.
Но, не секогаш работата се завршува лесно и брзо. Вистински предизвик било локомотивите од серијата 443, кои се десетина години стари, да се оспособат повторно за сообраќај.
-Тоа беше еден од најголемите предизвици кој стоеше пред нас и со кој се гордееме како работилница затоа што без специјална опрема, без обучен кадар со ограничени ресурси, успеавме да ја завршиме таа операција и да ги ставиме овие локомотиви повторно во функција на товарниот сообраќај, посочува Коруноски.

Од локомотиви кои стојат со години, преку сопствена изработка на потребниот алат, до повторно враќање на колосеците. Во работилницата каде некогаш работеле 15 луѓе, денеска се тројца, мајстор Боби, Живко и Боби.
-Почнавме нови алати да правиме, за избивање, за набивање. Сите машини ги пуштивме во функција, со стари лагери, делови, сето сами го направивме. Денеска имаме многу возови. Со новава постава, дотеравме многу возови во функција. Предизвикот беше голем, ама желбата беше уште поголема и ние успеавме во тоа, раскажува Боби Маркоски, координатор и работоводител на оддел за механичка обработка.
Овие момци се дел од тимот заслужни што денес има функционални поголем број на локомотиви и возови кои се користат во железничкиот сообраќајот.
Товарниот сообраќај го опслужуваат меѓу 7 и 9 локомотиви, а оспособена за работа е и мала маневарска локомотива произведена во 1964 година во Британија, која во моментов се користи во Железара. За најавената набавка на 5 нови електрични локомотиви, Коруноски вели дека значително ќе го подобрат товарниот сообраќај. Посочува дека овој сегмент е многу значаен не само за железницата, туку и за економскиот развој на земјава. Според него, се повеќе компании бараат превоз на тешки товари, а со новите локомотиви би се задоволиле барањата на економските оператори кои имаат потреба од железнички превоз.

Разговаравме и за состојбата во патничкиот сообраќај, во каква кондиција се возовите. Постоечките патнички гарнитури го реализираат возниот ред на железница, но за негово проширување потребни се нови возни средства.
Македонија последните нови патнички возови ги доби пред десетина години. Шест гарнитури, од кои четири дизел и две електрични пристигнаа од Кина. Со нив денеска се извршува речиси целокупниот патнички сообраќај.
-За овие 10 години овие гарнитури имаат поминато над 1.200.000 километри. Од технички аспекти се покажаа одлични, се разбира со добро одржување на вработените во МЖ Транспорт, но многу е важно да имаме континуирани вложувања во железницата, односно да имаме континирани набавки на нови возни средства за да може да ги покриваме сите патнички линии кои се предвидени и да отвораме нови линии, посочува Коруноски.
Произведен во 70-тите години во Барселона, враќањето на легендарниот „Шпанец“ предизвика особено внимание кај јавноста. По направените анализи, донесена била одлука „Шпанецот“ да се врати на пругите. Целосната реконструкција на оваа гарнитура го врати сјајот, не само на патничкиот воз, туку и во очите на носталгичарите, а за децата донесе возбуда и радост.
Во новите авантури, „Шпанецот“ ги впишува дружењата со најмалите, како дел од новогодишната приказна подготвена за децата.
Наскоро, патувањето ќе го продолжи кон Прилеп и Битола. Дневната миграција меѓу овие два града е голема, а патниците дале поддршка за воведување на ваква нова линија.
-Технички возот е во исправна состојба, може слободно да ги извршува услугите во патничкиот сообраќај. Планираме овој воз повторно да вози редовна линија, како локален воз, на релација Прилеп-Битола. Овој воз беше заборавен, беше оставен на забот на времето, доколку не се ангажиравме и не го ставевме во функција, овој воз за кратко време немаше да постои. Ги користиме сите ресурси кои ни се на располагање, за жал се ограничени. Резервни делови за овој тип на возови ги нема на пазарот. Луѓето кои работат на одржување на овој тип на возови, веќе се пензионирани или се пред пензија, така да со едни ограничени ресурси, но со голем ентузијазам и љубов кон железницата, излегуваат едни вакви убави проекти со кои ние како технички лица се гордееме, објаснува директорот за влеча и одржување на возните средства.

Успешните проекти заслужуваат да бидат препознаени, но одговорно е да се обрне внимание и на проблемите. А младиот кадар е проблем со кој се соочува железницата во Македонија. На тоа укажуваат и вработените, кои истакнуваат дека работата не е лесна, но има свои позитивни страни. Отворено зборуваат за убавините на железницата, за чувството кога отпишаните големи машини, со нивното искуство, добиваат нова шанса во интерес на пружање на подобра услуга.
-Јас кога се вработив, напуштив на пет дена, но се вратив и до ден денес сум тука. Младите треба да дојдат, да ја видат убавината, на прв поглед секогаш не е исто. Да ја видат убавината и ќе останат. Во нашава фирма имаше најискусни мајстори, јас тоа сум го наследил од претходните мајстори. Овде се правеа чуда, бевме 15 луѓе, сега е проблемот што немаме луѓе, нагласува мајстор Боби.
-Треба кадар млад, само да имаат желба за работа, а младината многу малку желба има за физичка работа. Има конкурс, никој не се пријавува, жалосно. Има убавина и во оваа работа, во одржувањето, но треба да си го сакаат занаетот. Ова е техника, нешто што не работи кога ќе го направиш ти со твои раце да работи нели е тоа успех, нели со тоа се воздигнуваш, душевно се исполнуваш, смета Пејков.
Помладите, кои се дел од МЖ Транспорт, нагласуваат дека и без искуство, преку обуки и споделеното знаење од старите мајстори, работата се учи. Треба само младите да имаат желба.

-Јас и уште еден колега, сме единствени во државата кои ја работиме оваа работа, за одделот каде што јас работам. Тоа сепак е голема гордост, голем предизвик како млад човек. Јас кога дојдов буквално не знаев ништо за возови. Доста време поминав во обука со стари мајстори, учење занает. Ова е голема, одговорна работа. За младите голем занает е ова, голем бенефит, вели Петковски.
-Ги охрабрувам сите млади луѓе кои сакаат да бидат дел од железница, да дојдат и да работат во околина каде е прилично позитивно динамично. Има работи кои тука ги работиме што не можат да се работат на други места, потенцира Ѓорѓиев, кој во МЖ Транспорт има работен стаж во еден месец.
Клучот „четворка“, секој железничар го има во својот џеб. И оние кои се уште работат и оние кои се во пензија, знаат зошто.
Нека е честит Денот.
Извор: Курир




