Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, изјави дека САД никогаш не ветиле дека ќе го вклучат Либан во договорот за примирје со Иран и покрај тоа што во Техеран можеби е стекнат поинаков впечаток.
„Ако Иран сака преговорите да пропаднат поради Либан, тоа е нивен избор“, рече Венс пред заминувањето од Будимпешта оценувајќи дека тоа би било „глупаво“.
Претходно, претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Галибаф, на платформата „Икс“ објави дека три клаузули од иранскиот предлог во десет точки се „отворено и јасно прекршени“ вклучувајќи го и предвиденото примирје во Либан.
Венс изјави дека ја видел оваа објава и оти на неа гледа позитивно оттаму што, како што посочи, несогласување по само три точки е знак за широко согласување. Тој отфрли некои од тврдењата на Галибаф, но нагласи дека прашањето со Либан е „разумно недоразбирање“. „Примирјата секогаш се неуредни“, рече Венс додавајќи дека таквите договори никогаш не поминуваат без „бранувања“.
Израел почна серија интензивни напади врз центарот на Бејрут и на други локации во Либан откога во сила стапи двонеделно примирје меѓу САД и Иран. Иранските официјални лица тврдеа дека договорот го вклучува и Либан, а Израел и САД инсистираат дека Либан не е дел од примирјето.
Во врска со Ормуската Теснина, Венс рече дека има сигнали за нејзино отворање за поморски сообраќај, а иранските власти тврдат дека останува затворена. Претходно, Иран предупреди дека бродовите што ќе се обидат да минат без одобрување ќе бидат уништени.
Претставничката на Белата куќа, Керолајн Ливит, изјави дека Венс ќе ја предводи американската преговарачка делегација на мировните преговори во Пакистан предвидени да почнат в сабота. Во тимот ќе бидат и претседателскиот специјален претставник Стив Виткоф и зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер.
фото: архива




