Владата предводена од Христијан Мицкоски не презеде мерки за заштита на стандардот на граѓаните и ги остави граѓаните да се борат со скапотијата секој ден. Ниту пред Велигден владата на Мицкоски не презеде никакви мерки што е директен удар врз семејниот буџет, се вели во соопштението од СДСМ, што МИА го пренесува интергрално.
Мицкоски ги остави граѓаните сами да се снаоѓаат токму во период кога трошоците се најголеми – пред Велигден. Додека семејствата се борат да обезбедат основни производи, Владата најавува мерки „по празниците“, чека анализи и извештаи.
СДСМ со недели предупредуваше и нудеше конкретни решенија – намалување на цените на горивата и храната, но Владата одлучи да ги игнорира. Денеска, граѓаните ја плаќаат цената на таа неодговорност.
Реалноста на терен е поразителна. Велигденската трпеза е поскапа од кога било. Пазарите се полни, но торбите на граѓаните остануваат полупразни. Се купува минимално, „колку за проба“, а дел од граѓаните само разгледуваат без да можат да си дозволат.
Јагнешкото месо достигнува и до 700 денари за килограм, поскапеа јајцата и зејтинот, а цените на доматите надминуваат 200 денари за килограм. Поскапувањата се речиси кај сите производи, со најголем раст кај овошјето и зеленчукот.
Ова е резултат на задоцнети, недоволни и погрешни економски политики затоа што Мицкоски го штити бизнисот и профитот наместо стандардот на народот. Власта нема чувство за реалноста, ниту за потребите на граѓаните.
СДСМ – Центар за комуникации со јавноста




