Шпанскиот премиер Педро Санчез ја повика Кина да преземе поголема одговорност во зачувувањето на меѓународниот поредок и во спречувањето на глобалните конфликти, вклучително и војната во Иран и конфликтите во Украина, Газа и Либан, пренесе агенцијата ЕФЕ.
За време на својот говор на Универзитетот „Цингхуа“ во Пекинг, Санчез истакна дека без соработка меѓу големите сили не е можно да се изгради стабилен мултилатерален систем.
Тој нагласи дека Кина веќе има значајно влијание, но дека може да стори повеќе за да се обезбеди почитување на меѓународното право и запирање на вооружените судири кои влијаат на глобалните текови, вклучувајќи ја и безбедноста во Ормуската Теснина.
Шпанскиот премиер оцени дека светот се движи кон мултиполарен поредок и порача дека обединета Европа е клучен фактор за стабилноста. Според него, соработката меѓу Европа и Кина е неопходна за воспоставување меѓународен поредок заснован на владеење на правото.




