Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, изјави дека имал „мошне добар“ разговор со високата претставничка на Европска унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, во рамки на активностите за усогласување на заедничките активности во наредниот период.

Во објава на социјалната мрежа Икс, Сибиха наведе дека разговарале за европската агенда и потребата од зачувување на единството и динамиката во донесувањето клучни одлуки што ја зајакнуваат заедничката безбедност и отпорност.

Тој додаде дека со Калас размениле мислења и за резултатите од изборите во Унгарија и нивното влијание врз јачината на Европа, како и за последиците од политичките промени во регионот.

„Ја нагласив важноста од деблокирање на кредитот од 90 милијарди евра, со цел да се обезбеди континуирана поддршка за Украина и заштита на Европа од руската закана“, додаде Сибиха.

Во однос на Блискиот Исток, двете страни согласни за потребата од координирана меѓународна акција за стабилизација на регионот, со акцент на заштита на цивилите и спречување на понатамошна ескалација.