Рано сабајлечки, со тазе боичка на фацулето добиена од 4 дена поминати на сонце и теферич, најверојатно на гости кај Заев во Грција, Венко Филипче изрази сеир околу можното враќање на поранешниот македонски премиер Никола Груевски, пишува во анализата Курир.
Не издржа ни до пладне да ја изрази злорадоста која го окупирала од вчера, небаре СДС победи во Унгарија, а не ТИСА на Маѓар. Нејсе што сестринската ПЕС им освои мизерни 1,8% насто од гласовите.
Со широка насмевка, озарен од уво до уво, ѓоамити шефот му добил нов милионски државен грант за фабриката за ајвар, Венко на граница на кикотење соопшти:
„Сега се поставува што ќе прави Никола Груевски, кога нема повеќе заштитник во Будимпешта? Години наназад уживаше гостопримство. Ќе бега ли во Русија или друго место или ќе се врати да ја отслужи казната?“, изјави злорадиот Филипче, заборавајќи од среќа да каже „се поставува ПРАШАЊЕ“, битно тој поставува теза дека сега ова да ти бил домино ефект, според кој на ред биле Србија и Македонија?!
Туку, заборава ли Венко дека победничката ТИСА е десничарска партија? Дека неговите унгарски социјалисти се ултра лузери? Нејсе, битно е да се радува човекот. Иако, правно гледано – реалноста е сосема поинаква.
Азилот што му беше доделен на Груевски се темели на проценка дека бил жртва на политички прогон и дека неговата безбедност во Македонија е загрозена. Според унгарското и меѓународното право, ваков статус може да се укине само ако престанат причините врз кои бил доделен – односно ако веќе не постои ризик по неговиот живот или политички прогон.
Дополнително, азилот може да биде одземен и ако лицето изврши сериозно кривично дело или претставува закана за безбедноста на државата. Но, тоа не е автоматска одлука, туку сложена правна постапка.
Процедурата се води пред миграциските органи, при што се утврдуваат фактите, се обезбедува право на одбрана, а одлуката може да се обжали. Дури и во случај на укинување на азилот, депортацијата не смее да се изврши ако постои ризик од неправедно судење, политички прогон или тортура. Дополнително, непознато е дали Македонија има ново барање за екстрадиција, откако последното беше одбиено пред шест години.
Иако политичките најави од Будимпешта отвораат нов моментум, конечната одлука за судбината на Груевски ќе зависи од долга и комплексна правна постапка, а не од политичката изјава на Маѓар.
Низ годините, многупати се говореше дека Груевски се враќа, што во пракса не се случи.
Ова се очекува да биде основа на пи-арот на СДС, кои соочени со кривичните кои им следуваат по отворањето на предметите кои ги криеше Коцевски, сега ќе „удрат“ на релативизација дека сите се исти и дека прогонот на криминалците од Бихаќка ќе биде партиски прогон и реваншизам, а не реалност за арамиите од СДС.
На злорадоста и ступидните паралели на Филипче одговори и проф. д-р Јове Кекеновски, кој во колумна за КУРИР напиша:
„Токму затоа, метафората „гладна кокошка просо сонува“ овде не е случајна. Таа не само што ја опишува состојбата, туку и прецизно ја разобличува логиката на ваквиот наратив, логика во која авторот не ја следи реалноста, туку ја прилагодува кон сопствените политички очекувања или евентуални политички нарачки, со што анализата се претвора во инструмент, а не во објаснување.
Од еден конкретен настан се конструира поширока приказна, исполнета со претпоставки, драматизација и недокажани врски, која за мал дел од читателите звучи уверливо, но суштински страда од недостаток на аналитичка строгост. Наместо аргументирана проценка, се нуди политички обоена интерпретација што повеќе говори за намерата отколку за фактите.
Во таков контекст, не станува збор за погрешна анализа, туку за отсуство на анализа. Зашто кога заклучоците однапред се поставени, а фактите селективно се вклопуваат за да ги поткрепат, тогаш не зборуваме за критичко мислење, туку за политичка проекција.
Во време кога политичката комуникација сè повеќе се темели на перцепција, ваквите наративи можеби лесно наоѓаат своја целна публика. Но токму затоа одговорноста за јавно изнесените ставови е уште поголема. Анализата подразбира аргументи, контекст и методолошка доследност, односно сè она што во овој случај очигледно недостасува.
Зашто во политиката, како и во животот, не е исто дали ја толкуваме реалноста или ги проектираме идните политички случувања според сопствени или нарачани желби и интереси. Реалноста и фактичката состојба бараат сериозна и издржана анализа, а не интерпретација водена од интерес“, посочува Кекеновски во колумна за КУРИР.
Соодветно им одговори и Златко Теодосиевски во колумна за ПЛУСИНФО:
„Друго толкување на овој огномет од радост во таборот на ретроградните прогресивци и врвот на таа секта не можам да видам! Уште помалку има логика во оние глупости на Битиќи дека некој овде го претставувал Орбановиот „модел на владеење (…) како алтернатива на Европската Унија“. Ако воопшто и постоело такво нешто, тогаш тоа било во времето на неговиот патрон од Муртино!
Дека ваквата радост на овие луѓе е резултат само на опсесивна злоба, чисто лицемерие и ужасна омраза стои и фактот дека тие изгледа заборавиле дека се претставуваат како лева односно социјалдемократска партија, а љубимиот им Маѓар е строга десница. Ама тие сепак (ќе) го слават?! И дали се баш сигурни дека евентуалното враќање на Груевски во државава – кого де факто тие го пуштија да избега – толку им одговара? Зашто тој (ќе) има многу нешта јавно да открие, па и за тоа „бегство“!?
Впрочем, ако веќе спомнувам примери за нивниот однос кон некои судбински важни прашања за државата, зошто никој од тој табор не искажа ни збор симпатии или поддршка туку само целосен молк за „нонпејперот“ на Вајц во поглед на шизоидниот Протокол бр. 2, колку и да е задоцнет истиот? Или тие би сакале тоа валкано парче хартија и понатаму да се тркала низ македонскиот евроинтегративен процес?
А во пакет со сето ова малоумно славје влегува и она лицитирање кој е следниот, спомнувајќи го, на пример, дури и српскиот претседател. Што е тотална политичка и човечка нискост и некултура, прво заради фактот што сепак станува збор за претседател на соседна држава со којашто Македонија нема отворени прашања, и второ, што токму тој Вучиќ прв ѝ донираше на Македонија КОВИД вакцини во времето кога министер за здравство беше фрапантно неспособниот Филипче! Заборави ли дека во тоа негово министерување умре безмалку цел еден македонски град а Македонија беше еден од светските лидери по пандемиската смртност? И што де факто има Филипче со смената на власта во Србија, да речеме? Тој и таму ли ќе ги (п)оправа политиките? И каква е тоа простачко однесување со формирање листи за отстрел со високи претставници на власта од соседни држави?
Кои се бре и какви се овие „нови“ македонски политиканти од крилото на сектата, сосе шушумигана Жерновски и целиот провинциски ЦО кои одобруваат вакви сељачизми во јавната комуникација?“ запраша јавно Теодосиевски.
П.С: Туку, Венко, каде е стопанот ти Зоки? Зошто не е во Македонија? Ќе му даде ли нему некој азил? Во Дубаи ли? Онака, за ДРУГАРЧЕ прашуваме…
Извор: Курир




