Македонските ракометни судии, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов официјално се суспендирани на две години од Европската асоцијација (ЕХФ).
Покрај суспензијата македонските судии ќе треба да платат и парична казна од по 5.000 евра за сторениот прекршок пред стартот на последното Европско првенство.
-Пред машкото Европско првенство годинава, ЕХФ ја повлече номинацијата на двајцата судии од Македонија поради наводна манипулација со прикачените видео снимки од таканаречениот „Тест за кондиција во повеќе фази“.
Врз основа на анализата на партнерот за интегритет на Европската ракометна федерација, „Спортрадар“, Ракометниот суд заклучи дека спорните видеа биле манипулирани и затоа ги изрече следните санкции.
Двајцата судии се суспендирани од извршување на каква било функција во рамките на ЕХФ и учество во какви било активности на ЕХФ во период од две години од датумот на првостепената одлука поради сериозно неспортско однесување, се вели во одлуката на ЕХФ.
Македонските ракометни судии на оваа одлука имаат право на жалба до Апелациониот суд на ЕХФ во рок од седум дена.
Начевски и Николов се вбројуваат меѓу најдобрите ракометни судии во светот и зад себе имаат огромен број важни меѓународни натпревари, како во Лигата на шампионите, така и на европските и светските првенства.




