Тиана Селестад е уметник и основач на галеријата „Галери Зест“ во Стокхолм, која ја отвори заедно со сопругот Патрик во 2020 година. Тиана има приказна за животот и уметноста, која ја носи со себе од Македонија до Шведска, каде што живее и создава повеќе од 15 години. По завршувањето на Педагошкиот факултет во Скопје, таа го продолжува своето образование во Шведска, учејќи шведски јазик на Универзитетот во Упсала, а професионалниот пат го почнала како наставничка. Но, со текот на времето таа ја следи својата внатрешна страст и ја создава својата сопствена уметничка сцена, галеријата „Галери Зест“.
Уметноста и творештвото се дел од нејзиното семејство. Татко ѝ Танко Саревски е познат академски уметник. По тежок период во животот, кој вклучувал долга рехабилитација, уметноста повторно ѝ ја отвора душата, овој пат како интимен и длабоко личен процес на исцелување и изразување.
Тиана веќе има реализирано две самостојни изложби во рамките на „Ноќта на културата“ во Стокхолм, каде што нејзините дела добија топол прием од публиката. Нејзината посветеност и талент беа препознаени и на меѓународно ниво кога беше избрана како една од стоте жени уметници во престижното списание Arts to hearts magazine. Истовремено, ја доби и наградата 40 under 40 како влијателна Македонка во дијаспората.
Покрај уметничкото творештво, таа е и менаџер за култура во Шведско-македонската стопанска комора, каде што активно гради мостови помеѓу двете култури создавајќи нови можности за соработка и размена.
Најважно од сè, Тиана е мајка на прекрасната тригодишна Зои, која е нејзина најголема радост и инспирација во секојдневниот живот и во креативноста.

Зошто токму Стокхолм е дом на Вашата уметничка галерија, а не земјата во која сте родени?
– Стокхолм беше природен избор бидејќи живеам тука, а по многу посети на галерии, уште повеќе се уверив дека Македонија има одлични уметници, кои заслужуваат поголема видливост.
Така се роди идејата да создадам мост меѓу двете земји и преку галеријата да ги промовирам македонската уметност и Македонија тука.
Кои се тие нешта што Ви го привлекуваат вниманието кај еден уметник или неговото дело и како одлучувате што ќе биде дел од Вашата галерија?
– Најмногу ме привлекуваат оригиналноста и автентичноста, кога се чувствува дека уметникот создава искрено и има своја приказна. Сакам дела што носат емоција и препознатлива енергија.
Пред сè, важни ми се и континуираната работа и посветеноста бидејќи тие покажуваат сериозност и потенцијал. Кога ќе ги почувствувам тие елементи, одлуката некако доаѓа природно.
Има ли моменти што Ве натераа да сфатите колку е тешко да се промовира македонската уметност надвор од нашите граници?
– На почетокот наивно, а малку и патриотски, верував дека делата сами ќе го најдат својот пат, дека луѓето ќе ги препознаат и ќе ги сакаат исто како што јас бидејќи навистина вредат. Но со текот на времето сфатив дека процесот е посложен. Со сите трошоци, цените често доаѓаат во ранг со реномирани шведски уметници.
А кога станува збор за повисоки суми, луѓето често купуваат и статус, познато име, кое може да го спомнат пред пријателите.
Затоа е потребно време да се изгради препознатливост, но кога луѓето ќе ги откријат уметноста и приказната зад неа, интересот постепено расте.
Дали имате некој личен сон или идеал што сакате да го остварите преку Вашата галерија и како тоа влијае на луѓето околу Вас?
– Мојот личен сон е преку галеријата да создадам поголема видливост и нови можности за македонските уметници на меѓународната сцена и да ја промовирам Македонија преку културата. Верувам дека уметноста има моќ да поврзува луѓе, да отвора нови перспективи и да носи подлабока смисла.
Од неодамна ја презедов и улогата на менаџер за култура во Шведско-македонската стопанска комора, што за мене претставува нова можност да ја продолжам истата визија на пошироко ниво и да придонесам за уште поголемо поврзување меѓу двете земји.
Во едно вакво немирно време, каде што често најголема вредност се става на моќта, титулите и на егото, мојата визија е да продолжам да работам со уметноста на кој било начин и да ја издигам нејзината важност како суштински дел од нашето постоење, како простор за љубов, убавина и поврзаност во животот.
Кои уметници или стилови Ве допираат најмногу и што е тоа во нив што Ве инспирира?
– Искрено, тешко ми е да издвојам конкретен стил бидејќи можам да се воодушевам од разни правци и изрази. Она што најмногу ме привлекува се оригиналноста, приказната на уметникот и пораката што се пренесува преку делото.
Но, најмногу ме инспирира храброста – кога уметникот се отвора целосно, како да се соблекува пред публиката и искрено ги споделува своите чувства и мисли. Токму кога делото носи дел од личноста на уметникот, тогаш уметноста станува најсилна и највистинска.
Како влијаеше нашата земја врз Вашата уметничка визија и начинот на кој ја градите својата работа?

– Македонија има големо влијание врз визијата на галеријата, која од самиот почеток ја гледам како мост за претставување на македонските уметници пред меѓународна публика и создавање нови можности за нив.
Воедно, пред речиси две години и самата почнав да цртам и сè повеќе чувствувам желба во моите дела да внесувам детали од Македонија, природата, емоцијата и симболиката. Понекогаш и пораката во делата има корени токму таму, што за мене е природен дел од мојот идентитет и инспирација.
Постои ли некоја уметничка творба или искуство што ја обликува Вашата личност или Ви помогна да го најдете својот пат?
– Повеќе од една конкретна творба, би рекла дека самиот процес на создавање ми помогна да почнам да го одам мојот пат. Особено периодот кога повторно почнав да цртам пред речиси две години, по еден тежок личен период, беше пресвртен момент за мене.
Преку уметноста почнав подобро да се запознавам себеси, да ги изразувам мислите и чувствата и да се ослободам од стравот како ќе бидам прифатена. Тој процес ме обликуваше и како личност и како уметник и ми помогна да го најдам мојот автентичен израз.
Како реагираат луѓето во Шведска кога ќе се сретнат со уметност од земја на југот како нашата? Кои се нивните реакции и чувства?
– Најчесто реакциите се многу позитивни. Луѓето доживуваат разни чувства и реакции бидејќи секој се поврзува со уметноста на свој начин.
Но она што најмногу го забележувам е љубопитноста, многу луѓе почнуваат да прашуваат за Македонија, за културата и за приказните зад уметниците.
Кои културни разлики најмногу ги забележувате кога станува збор за уметност и уметнички настани меѓу нашата земја и Шведска?
– Во Шведска уметничките настани се повеќе планирани и структурирани, а публиката често е порезервирана. Во Македонија настаните се поживи и со повеќе непосредна комуникација.
Од општествен аспект, во Шведска постои стабилна поддршка за културата, а во Македонија се чувствува силна страст и топлина кон уметноста. И двете имаат своја убавина.
Верувате ли дека уметноста може да ги спои културите? Можете ли да споделите некој момент кога тоа се случило преку Вашата работа?
– Апсолутно верувам дека уметноста ги спојува културите и имало многу такви моменти преку мојата работа. Еден од најубавите е на изложбите, каде што често се собираат Македонци, Швеѓани, но и луѓе од други култури. Многу бргу се создава заеднички муабет, позитивна атмосфера и природно поврзување.
Интересно е што често се рушат и предрасуди. Некои што мислеле дека Македонија е многу неразвиена, преку уметноста откриваат дека тоа воопшто не е така. Од друга страна, Македонците кои мислат дека Швеѓаните се ладни и недруштвени, откриваат дека тоа е само прв впечаток, а всушност се многу отворени и заинтересирани за разговор.
Токму тие моменти најдобро покажуваат како уметноста природно создава мост меѓу луѓето.
Кој момент или достигнување со галеријата досега Ви е најголем успех?
– Еден од незаборавните моменти ми беше кога првиот колекционер дојде и купи дури девет дела од разни македонски уметници.
Му благодарам на довербата, а и на тебе што ме поттикна да се вратам и да се потсетам на тие убави моменти.
Каков совет би им дале на младите уметници кои сонуваат да го претстават својот талент во странство, но не знаат како да почнат?
– Би им рекла најпрвин да ја следат својата приказна и да не се водат премногу од она што другите очекуваат. Најважно е да бидат искрени и автентични во она што го создаваат.
И, пред сè, да творат постојано и да работат редовно. Да не се оптоваруваат веднаш со пари или практични детали, тие со време си доаѓаат. Уметноста треба да им стане дел од секојдневието.
Паралелно, важно е да бидат и видливи, да се пријавуваат во галерии, на изложби, на саеми и да ја споделуваат својата работа. А ако не знаат како, да побараат помош или соработка затоа што видливоста игра голема улога.
Како успевате да ги балансирате Вашата страст за уметност и динамиката на животот далеку од дома?
– Не е секогаш лесно со сите обврски, но се трудам да ја искористам секоја можност што ја имам за создавање. Не чекам совршени услови, туку работам кога и колку што можам.
Се трудам да доаѓам што почесто во Македонија и да градам повеќе поврзаност и работа таму за да имам уште повеќе причини да се враќам. На тој начин останувам блиска со корените и со луѓето што ми значат.
Размислувате ли за нови проекти или проширување на галеријата со цел да ја приближите македонската уметност до пошироката европска публика?
– Во моментот размислувам за нови проекти, но во малку поинаква насока. Го намалувам капацитетот на галеријата и се оддалечувам од класичен физички простор. Делата сега се изложени во хотел (First hotel Stockholm north), а јас повеќе се фокусирам на претставување на уметниците и нивно поврзување со публика и колекционери.
Воедно, од неодамна сум дел и од Шведско-македонската стопанска комора како менаџер за култура, каде што заедно со група ентузијасти и професионалци работиме на поврзување на двете земји. Има голем интерес и се отвораат многу можности, што ми дава дополнителна мотивација да го развивам овој дел.
На овој начин имам повеќе простор да се посветам и на цртањето, но и да ја проширувам мојата работа. За мене, ова е природен чекор, уметноста останува во центарот, но на пофлексибилен начин.
Како го замислувате развојот на Вашата галерија и себеси во следните години?
– Во последниот период научив дека најважно е да се опуштам и да го следам патот наместо да се обидувам сè да контролирам. Да го прифатам она што се отвора пред мене и да го работам со задоволство.
Затоа немам многу конкретен план за следните години. Повеќе сакам да ги следам радоста и чувството што ме води и во секој момент да го давам моето најдобро – со галеријата, со мојата лична уметност, но и во секој друг аспект од животот и сè што ќе дојде.
Дали искуството да бидете мајка во нова култура Ви донесе нови перспективи во уметноста или изборот на проекти?
– Да, дефинитивно. Мајчинството, особено во нова култура, ми донесе нови перспективи и поголема длабочина во начинот на кој ја доживувам уметноста.
Ме направи посвесна, поемотивна и поинтуитивна, што природно се пренесува и во моите дела и во изборот на проекти. Воедно, ме научи и подобро да ги поставувам приоритетите и да го избирам она што навистина има значење за мене.
Како Вашето семејство гледа на уметничката страст што ја живеете? Дали Вашето дете има место во тој свет?
– Како гледаат другите, искрено се трудам да не се заморувам премногу со тоа. Тоа беше долга борба во мене, но денес чувствувам поддршка од блиските. Некако нема ни простор за друго, мојата желба и љубов кон уметноста се преголеми.
А Зои има огромно место во мојот уметнички свет. Секојдневно цртаме заедно, креираме, си играме со идеи. Сега кога има три години, можеме уште поубаво да комуницираме, па често цртаме на платно, на хартија, па дури и си илустрираме мали приказни.
Многу од идеите доаѓаат токму од неа, од нејзината фантазија, игра и начин на гледање на светот, што за мене е огромна инспирација.
Кои се најголемите радости и предизвици што ги доживувате како македонска мајка и сопруга далеку од дома?
– Најголемата радост е што имам можност да живеам со повеќе перспективи, разни култури, јазици, пријателства и двојни празници за славење.
Предизвикот е што немаме речиси никаква помош со Зои, па сè се организира околу неа. Но таа воедно е и мојата најголема радост, па обврските постепено ги приспособувам според нејзините потреби и работам во тој ритам и со тој капацитет.
Што најмногу Ви недостига во Шведска од нашите краишта и обратно?
– Во Шведска најмногу ми недостигаат сонцето, македонското сирење, доматите, чварките, моите пријатели и фамилијата.
А во Македонија ми недостигаат тој мир и чист воздух што ги имам во природата во Шведска, како и чувството на систем што функционира, особено во администрацијата и здравството.
Може ли набргу да очекуваме Ваша галерија и во Скопје?
– Во моментот не ми е желба да отворам уште една галерија, барем не во класичен формат. Повеќе се движам кон пофлексибилен начин на работа и проекти.
Сепак, веќе имам начин да бидам присутна и активна и во Македонија – преку проекти, соработки и изложби, како и преку мојата улога во Шведско-македонската стопанска комора. Сега повеќе сакам да го развивам и проширувам тоа присуство. Никогаш не велам „не“, но сакам сè да доаѓа природно, во вистинско време и форма.




