Премиерот Христијан Мицкоски смета дека растот на прометот во индустријата е солиден и оти ниедна земја во регионот нема таков раст. Вели дека има предизвици во индустријата, особено во делот на слабата активност на дел од рудниците, но нагласува дека оваа власт ќе направи сè постојните да се поактивни и да се отворат нови. Во таа намера, како што истакна, нема да ги спречат оние што не ѝ мислат добро на државата и кои би сакале сите рудници да се затворат.
– Па имајќи ја предвид состојбата во светот и во Европа, ценам дека растот во прометот во индустријата и дома и надвор е солиден и ние сме единствена земја што има таков раст во регионот. Друга нема таков раст. Честопати кога коментираме мора да правиме споредби. Оваа Влада шест квартали по ред има просек раст од 3,5 проценти на бруто-домашниот производ, но во услови кога растот во ЕУ е под еден процент. Некој ќе каже имало периоди кога растот бил и 5,5 или 6 проценти, но, да, тогаш и растот во рамките на ЕУ бил идентичен. Сега имаме за повеќе од три и полпати поголем раст од оној просечниот што е во ЕУ – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по постата во општина Ѓорче Петров.
Ова, нагласи премиерот, за нив претставува инспирација дека добро се справуваат со работите.
– Не велам одлично, секогаш може подобро, но засега имајќи ја предвид глобалната ситуација, мислам добро се тераат работите – рече премиерот.
Додаде дека кај индустриското производство има два предизвика – слабата активност на рудниците и стабилизирањето на производството на електрична енергија.
– Една е слабата активност на дел од рудниците, иако има и такви структури во општеството што би сакале сите рудници да се затворат и оние што ги исполнуваат сите еколошки стандарди и на тој начин да ја банкротираат државата за да добијат грант повеќе. Има и такви. Еве гледам реакција веднаш по стратешкиот рудник за антимон за да добијат грант повеќе и да ги клеветат државата и оваа Влада, но овој пат мислам дека на тврд орев ќе налетаат. Нема да се повлекуваме затоа што тоа е иднината. Ако сакаме да имаме држава, тоа е иднината – рече Мицкоски.
Второ што е важно покрај рудниците, според премиерот, е да се стабилизира делот на произвиодството на електрична енергија.
– Мислам дека веќе е во рамките на стабилни текови, така што, генерално, имајќи ја предвид состојбата, ќе повторам, глобално сме на добра добра патека – потенцира премиерот Мицкоски.




