Пет лица се убиени, а десетици се повредени во пукотница во областа Холосиевски во Киев, објави Укринформ, повикувајќи се на објава на Телеграмот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Украинскиот министер за внатрешни работи Игор Клименко штотуку објави дека напаѓачот во Киев, кој отвори оган врз луѓе, е елиминиран. Сите околности се разјаснуваат. Во моментов е познато дека пет лица се убиени. Им изразувам сочувство на нивните семејства и најблиските“, напиша Зеленски.

Десет лица се хоспитализирани со повреди и трауми и добиваат потребна помош. Четворица заложници се спасени, додаде тој.

„Истрагата продолжува. Истражители од Националната полиција и Службата за безбедност на Украина, исто така, работат. На министерот за внатрешни работи и началникот на Националната полиција на Украина им наложив на јавноста да ги достават потврдените информации за случајот“, рече Зеленски.

Клименко објави дека напаѓачот бил елиминиран откако специјалните сили упаднале во продавницата каде што се засолнил. Тој држел заложници и пукал во полицајците кои се обиделе да го приведат. Пред тоа, имало обид за воспоставување контакт со него.