Главниот преговарач на Иран, Мохамед Багер Галибаф соопшти за напредок во преговорите со САД, но предупреди дека конечниот договор е сè уште далеку, пренесуваат агенциите.

Влијателниот претседател на иранскиот Парламент, кој заедно со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс учествуваше во преговорите одржани на 11 и 12 април во Исламабад, вчера имаше телевизиско интервју.

„Сè уште сме далеку од завршување на дебатите“, рече Галибаф. Тој соопшти за постигнат „напредок во преговорите“, но додаде дека „многу разлики остануваат и некои фундаментални точки сè уште не се решени“. Галибаф прецизираше дека несогласувањата се однесуваат на нуклеарната програма на Иран и затворањето на Ормуската теснина.

„Нагласивме дека немаме апсолутно никаква доверба во Соединетите Американски Држави“, јасно стави до знаење претседателот на иранскиот Парламент.

Галибаф увери дека Иран се согласил на двонеделното примирје, кое стапи на сила на 8 април, само затоа што тоа го побарале Соединетите Американски Држави.

„Победивме на терен, непријателот не постигна ниту една од своите цели, а Иран исто така има контрола врз Ормускиот теснец“, сумираше тој.

Трамп вчера соопшти дека имал „многу добри разговори“ со Техеран, забележуваат агенциите. Во исто време, тој го предупреди Техеран да не го уценува Вашингтон со закани дека ќе ја држи Ормуската теснина затворена.

Ниедна страна не даде детали за преговорите вчера, само неколку дена пред да истече кревкото примирје во војната меѓу САД и Израел против Иран во среда, 22 април. Конфликтот, кој сега е во осмата недела, и во кој загинаа илјадници луѓе во Иран, се прошири во Либан и ги зголеми цените на нафтата поради практичното затворање на Ормуската теснина, преку која пред војната се пренесуваше една петтина од светската сурова нафта.