Македонската влада нема никаков механизам за никаква контрола во Македонски Телеком, иако е еден од сопствениците во оваа високопрофитна компанија, брифираат за Нетпрес извори од ова претпријатие.
Владата поседува 34,81 отсто од акциите во Македонски Телеком, што ја прави втор по големина сопственик, веднаш зад фирмата Камени Мост Комуникации АД Скопје, која има 51 отсто од акциите.
Нашите извори брифираат дека во јуни 2018 година со одлука на тогашната влада било дозволено да се смени статутот на Македонски Телеком и со тоа бил отстранет единствениот механизам кој македонската влада го имала за контрола во компанијата.


„Со измената на статутот, која беше направена со амин на македонската влада во јуни 2018 година, беше избришана позицијата Оперативен директор, место кое се пополнуваше по предлаг на македонската Влада. Оваа функција имаше врзан потпис со генералниот директор. До тогаш ништо во Македонски Телеком не можеше да помине без согласност на Владата. Од тогаш, пак, никој не ја прашува Владата за ништо“, брифираат изворите на Нетпрес.
Одредени лица од тогашното политичко раководство наводно биле убаво наградени за овој чекор, а според изворите на Нетпрес од Македонски Телеком, влијанието на овие лица е сеуште големо врз менаџментот на компанијата.




