Ако сме трета економија во Европа зошто Владата не ги покачи платите, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервју за Сител. Филипче посочи дека бројките на премиерот Мицкоски се само на хартија, а во реалноста граѓаните се соочуваат со ценовни шокови, ниски плати и не чувствуваат ништо од третата економија на премиерот, се наведува во соопштението од СДСМ, што МИА го пренесува интегрално.

-Ако е така добро на хартија, како што кажа премиерот зошто не ги зголеми платите? Ако имаме раст, ако сме трета економија во Европа така кажува на таа хартија, според раст на економија, зошто не ги зголеми платите, зошто не ги зголеми пензиите, зошто им крати на луѓето.Со нашиот систем, сега пензионерите ќе добиеја помеѓу 1.500 и 3.500 денари, различни категории. Сега што прават, повторно 1.000 денари за сите категории. Па таков грабеж пензионерите досега не виделе. Ако е така добро, зошто не се направи некоја мерка, една мерка да се направи за една категорија на граѓани, еве некоја што е најомилена на премиерот тој нека избере, рече Филипче.
Во интервјуто, Филипче посочи дека граѓаните се соочуваат со загрозена егзистенција, додека премиерот Мицкоски ги убедува дека живеат во бајка.
-Тоа не е реалноста којашто ја живеат граѓаните, луѓето на пазарите и во маркетите не го кажуваат тоа. Луѓето имаат сериозни проблеми со порастот на цените на сите производи поради тоа што ниту еден пакет на мерки не се донесе, значи ниту мерки кои што дадоа резултат за да се спречи почетокот на растот на сите цени кои што се зависни од енергенсите, храната, основните прехрамбени продукти пред се, а можеше да се спречи растот ако се донесе навреме мерки. Денес, граѓаните крај со крај не можат да врзат и тоа е реалноста, рече Филипче.
Фото: СДСМ




