Обновени се меѓународните летови на аеродромот во Техеран, прв пат откако започнаа американско-изралексите напади врз Иран, пред околу два месеца, објавија државните медиуми.

Авиони полетаа од аеродромот „Имам Хомеини“ во Техеран за Истанбул, Мускат и саудискиот град Медина, пренесува ДПА.

Медина е клучна дестинација за муслиманите кои го извршуваат хаџот, годишното поклонение во Мека.

Иран го затвори својот воздушен простор за цивилни летови откако САД и Израел започнаа напади врз земјата на 28 февруари. Како одговор, Техеран ги нападна земјите од Персискиот Залив, сојузници на САД, предизвикувајќи големи прекини во глобалниот воздушен сообраќај, вклучително и во големите центри како што се Дубаи и Абу Даби. Западните авиокомпании беа принудени да користат долги заобиколувања за да го избегнат регионот.

Постепеното отворање на иранскиот воздушен простор следува по прекинот на огнот постигнат со посредство на Пакистан, кој стапи во сила на 8 април.

Порано оваа недела, иранските воздухопловни власти му дозволија на аеродромот Машхад, на североистокот на земјата, да опслужува меѓународни летови во обид да се намали сообраќајниот метеж во Техеран.

И покрај продолжувањето на летовите, европските авиокомпании засега го избегнуваат иранскиот воздушен простор поради небезбедноста на Блискиот Исток и зголемениот ризик за цивилното воздухопловство.