Албанскиот Институт за статистика (ИНСТАТ) објави податоци за статистиката на криминалот за 2025 година, кои покажуваат зголемување на главните индикатори во споредба со претходната година.
-Според извештајот, во текот на минатата година се регистрирани вкупно 38.345 кривични дела, што е зголемување од 17,4 отсто во споредба со претходната, 2024 година. Бројот на осомничени сторители достигнал 45.334 лица, што претставува зголемување од 13,2 отсто, при што 93,3 отсто од нив се мажи, а најзастапена возрасна група е на возраст од 30 до 44 години, објави АТА.
Од вкупниот број сторители дури 39.027 за првпат се огрешиле пред законот, што е зголемување од 16,7 отсто во споредба со претходната година.
Минатата година раст од 7,8 отсто бележат и актите на насилство или 19.145 , од нив, 39,3 отсто се поврзани со кривични дела против личноста, при што жените сочинуваат 36,7 отсто од жртвите во оваа категорија, главно во сексуални кривични дела, против моралот и достоинството и против семејството.
Статистика исто така потврдува дека бројот на затвореници во казнено-поправните установи е 4.503 лица, со мало зголемување од 0,3 отсто во споредба со 2024 година.




