Холандските власти вчера евакуираа аеродром во јужниот дел на земјата откако избувна голем шумски пожар во близина на воена тренинг-зона, во услови на тековна суша во регионот.
Пожарот избувнал во близина на полигон за воена обука во северниот дел на провинцијата Лимбург. Евакуираниот аеродром „Кемпен“ е меѓу најпрометните аеродроми во Холандија.
На околу 40 километри источно, во близина на границата со Германија, вчера избувна уште еден пожар, исто така во близина на воена тренинг-зона. Противпожарните служби се обидуваат да ги стават под контрола двата пожара, соопштија локалните власти.
Оваа недела е регистриран и посебен пожар во близина на центар за воена обука во северниот дел на земјата.
Претставник на националната жандармерија изјави дека причините за пожарите се под истрага и дека е прерано трите случаи да се поврзат со „воените активности што се одвивале на локациите во моментот на избувнување на огнот“.
Во Холандија со недели речиси и да нема врнежи, што го прави овој април еден од најсушните досега и го зголемува ризикот од шумски пожари.




