Словенија и минатата година остана меѓу земјите на Европската Унија со најнизок ризик од сиромаштија или социјална исклученост, со 15,5 проценти од населението во таа категорија, што е намалување за 0,1 процентен поен во споредба со претходната година, покажуваат податоците на Евростат.
На ниво на ЕУ, вкупно 92,7 милиони луѓе, односно 20,9 проценти од населението, се изложени на ризик од сиромаштија или социјална исклученост, што исто така претставува благ пад, пренесува словенечката агенција СТА. Евростат ги дефинира овие лица како луѓе кои живеат во домаќинства со најмалку еден од следните проблеми: ризик од сиромаштија, тешка материјална и социјална депривација или многу низок интензитет на работа.
Највисоки стапки се забележани во Бугарија (29 проценти), Грција (27,5 проценти) и Романија (27,4 проценти), додека најниски во Чешка (11,5 проценти), Полска (15 проценти) и Словенија.
Податоците покажуваат дека Словенија веќе подолг период се вбројува меѓу најуспешните земји во ЕУ според овој показател, со втора најниска стапка и во 2023 и во 2024 година.
фото: архива




