Наводно проштално писмо на американскиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епштајн, чија смрт во 2019 година и натаму предизвикува бројни контроверзии, со години се наоѓа запечатено во судско досие во Њујорк, објави „Њујорк тајмс“.
Според весникот, документот го открил поранешниот цимер на Епштајн во затворската ќелија, Николас Тартаљоне, кој подоцна бил осуден на повеќекратни доживотни казни во друг кривичен предмет. Тој тврдел дека белешката ја пронашол во јули 2019 година, додека Епштајн бил во притвор во Њујорк. Документот, сепак, никогаш не е јавно објавен. Федерален судија наложил тој да остане запечатен во рамките на постапката поврзана со Тартаљоне, а според американските медиуми, Министерството за правда на САД навело дека немало увид во неговата содржина.
Дополнително внимание предизвика информацијата дека во објавените материјали за случајот постои и хронологија на две страници која објаснува како наводната порака завршила во досието на поранешниот цимер. Во неа, како што се наведува, адвокатите на Епштајн ја потврдиле автентичноста на документот.
Американските медиуми оценуваат дека евентуалното отворање на запечатената белешка би можело да придонесе за подобро разбирање на околностите што претходеле на смртта на Епштајн. Нејзината содржина, доколку биде објавена, може да понуди дополнителен увид во неговата психичка состојба во притвор, но и повторно да ги отвори прашањата што со години го следат овој случај.
Епштајн во моментот на смртта чекаше судење по сериозни обвиненија за сексуална трговија. Неговата смрт официјално беше оценета како самоубиство, но бројни пропусти во затворскиот надзор и натаму се предмет на сомнежи, шпекулации и политички расправи во САД.




