Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција упати остри критики кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека ја продолжува политиката на поранешниот премиер Зоран Заев во односите со Бугарија.
Според Манасиевски, Филипче е „подготвен да ги исполни бугарските барања на штета на Македонија“ и да продолжи со, како што рече, политиката на попуштање пред официјална Софија.
„Венко Филипче повторно докажа дека е спремен да ја продолжи политиката на Зоран Заев, а тоа е политика на попуштање пред Бугарија и прифаќање на барања кои директно задираат во македонските национални и државни интереси“, изјави Манасиевски.
Тој посочи дека ставовите на бугарскиот претседател Румен Радев кон Македонија, македонскиот јазик и идентитет се одамна познати и оцени дека Бугарија нема намера да отстапи од своите позиции.
„Очигледно е дека официјална Софија ќе продолжи со притисоци и блокади секогаш кога тоа ќе ѝ одговара“, рече Манасиевски.
Во своето обраќање, тој обвини дека Филипче и СДСМ наместо да ги бранат македонските интереси, испраќаат порака дека би ги спровеле уставните измени и би прифатиле политики усогласени со барањата на Бугарија доколку повторно дојдат на власт.
„Филипче и СДС го избраа антидржавниот, бугарски пат“, изјави Манасиевски, додавајќи дека станува збор за „откажување, попуштање и тргување со најважните национални прашања“.
Тој воедно оцени дека, како што рече, „тоа што Зоран Заев го започна, Венко Филипче очигледно е подготвен да го доврши“.




