Претседателот на Јужноафриканската Република, Сирил Рамафоса, соопшти дека нема да поднесе оставка, независно донесената одлука за формирање одбор за импичмент што повторно ќе ги истражува обвинувањата дека сторил сериозен прекршок со прикривање кражба на повеќе од половина милион долари во готовина од неговиот имот. Парите наводно биле скриени во кауч на неговиот ранч за одгледување диви животни.
Во телевизиско обраќање до нацијата Рамафоса изјави дека правно ќе го оспори парламентарниот извештај во кој се наведуваат веродостојни докази за негово незаконско однесување.
Претседателот се соочува со повици од различни кругови, особено од опозициските партии, да се повлече од функцијата додека траат тие процеси. Рамафоса изјавата ја даде неколку часа откако Јужноафриканскиот парламент соопшти дека ќе формира одбор за импичмент.
Уставниот суд на Јужноафриканската Република во петокот го прогласи неуставно гласањето во Парламентот во 2022 година со кое беше блокиран процесот за отпувикување на Рамафоса во врска со скандалот.
Според образложението на одлуката, во моментот на гласањето партијата Африкански национален конгрес на Рамафоса имала мнозинство во Парламентот, а гласањето се одржало и покрај наводите во независен извештај во кој биле утврдени докази за пропусти на претседателот, меѓу кои и наводни неправилносто во пријавувањето на кражбата до полицијата. Уставниот суд соопшти дека, според процедурите, независниот извештај од 2022 година требало да биде испратен до одбор за импичмент за понатамошна истрага.
Според Уставот, за импичмент на претседател на Јужна Африка неопходна е поддршка од најмалку две третини од 400-те пратеници во Парламентот.
Повеќепартискиот одбор за импичмент треба да спроведе истрага, пред да се пристапи кон евентуално гласање за таква мерка.
Партијата на Рамафоса го загуби мнозинството во Парламентот на изборите во 2024 година и сега е најбројната политичка сила во коалициската влада составена од десет партии. Тој сепак би можел да избегне отповикување доколку ја добие поддршката на пратениците од неговата партија.
Скандалот сериозно го наруши угледот на претседателот кој стапи на функција во 2018 година со кампања за борба против корупцијата, по деценија обележана со корупциски скандали во владата на поранешниот лидер Џејкоб Зума.
ФОТО: Чајна Дејли




