Нашата одбрана е главното средство за одвраќање на Русија и во овој поглед сметаме на заем од 90 милијарди евра од ЕУ, изјави претседателот на Украина, Володимир Зеленски на самитот „Букурештка деветка“ (Б9) во Букурешт.

Тој додаде дека задачата на Украина е да обезбеди никогаш повеќе Русија да не може да поставува ултиматуми, да доминира над своите соседи или да започнува војни без последици.

– Веќе направивме многу за да ја запреме војната и да обезбедиме дека таа никогаш нема да им донесе победа и оти никогаш агресорите нема да останат неказнети, наведе Зеленски.

Претседателот на Романија, Никушор Дан наведе дека „безбедноста на Украина е важна за безбедноста на Романија, за безбедноста на НАТО“. Тој упати апел за континуирана поддршка за Украина.

Форматот Б9 или „Букурештка деветка“ е создаден на иницијатива на претседателите на Романија и Полска во ноември 2015 година, која ги обединува земјите од источното крило на НАТО.

Единаесеттиот самит Б9 се одржува во претседателската палата Котрочени во Букурешт, а учествуваат генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, претседателите на Естонија, Летонија, Литванија, Чешка, Словачка, Финска, Данска и високи претставници на САД, Шведска, Норвешка, Исланд и Унгарија.

Како што се наведува во соопштението од кабинетот на Дан, состанокот се одржува под императив за зголемен придонес кон трансатлантската безбедност, што ја одразува колективната посветеност на сојузниците на источното и северното крило да придонесат уште позначајно кон трансатлантската безбедност.