Дела од доајенот на македонското сликарство, Родољуб Анастасов, се дел од изложбата насловена „Визии – глава полна со луѓе“, што денеска беше отворена во Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци. Настанот беше реализиран од Здружението за архитектура, дизајн и култура АРХИФАКТ, неформалната мрежа на музеи МузеумЛинк, како патувачки концепт во организација на Јасминка Намичева, во соработка со Марина Убавкова, стручен соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура и Домот на култура „Иван Мазов – Климе“.

– Станува збор за последната серија цртежи од творечкиот опус на Анастасов, создадени во периодот 2016 – 2022 година, работени во техника молив и молив во боја на хартија, во мали формати. Од својот богат мемориски трезор, уметникот изнедрил повеќе од 200 портрети, сведоштва на ликови, карактери и внатрешни светови – појасни Убавкова.

Таа додаде дека пред кавадаречката публика е претставен монографскиот изложбен концепт, составен од збирка од 57 цртежи изработени со молив и молив во боја на хартија, како и четири портрети на платно во маслена техника.

– Оваа изложба претставува редок увид во интимниот и длабоко личен визуелен универзум на извонредниот Анастасов, каде секој портрет носи сопствена приказна, емоција и трага од времето – истакна Убавкова.

Таа сподели дека ова е последната серија на цртежи од творечкиот опус на Анастасов, работени во техника молив и молив во боја на хартија, во мали формати.

– Благодарение на подршката и заложбите на „Фондацијата Јустина и Родољуб Анастасови“, оваа изложба продолжува да се движи како патувачки концепт, исполнувајки ја последната желба на Анастасов, неговите дела да стигнат до што поголем број на љубители на уметноста – нагласи Убавкова.

Автор и куратор на изложбата е Јасминка Намичева, која исто така се обрати пред љубителите на уметноста.

Изложбата ќе биде отворена до петти јуни.

МИА