Утрово, во битолската населба Баир, се случи тешко убиство кое ја потресе локалната јавност. Трагичниот настан, во кој животот го загуби 31-годишна жена, се случил по претходна расправија со нејзиниот сопруг. Според официјалните информации од Министерството за внатрешни работи, крвавиот инцидент се случил околу 06:40 часот на улицата „5-та“. Триесет и тригодишниот А.Р. со остар предмет (нож) ја нападнал својата сопруга, А.В. (31), со која во последно време не живееле заедно.
Лекар од екипата на Итната медицинска помош, која веднаш пристигнала на повикот, можел само да констатира смрт како последица на тешките повреди нанесени со нож.
Уште од раните утрински часови, во населбата Баир е забележливо засилено полициско присуство. Увидот го вршат екипи на СВР Битола во соработка со Јавен обвинител, со цел да се приберат сите материјални докази и да се расветлат мотивите за ова свирепо убиство.
„Лицето А.Р. е веднаш задржано во полициска станица. По целосно документирање на случајот и во координација со јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава,“ соопштуваат од полицијата.
Овој случај на фемицид повторно го отвора прашањето за семејното насилство и безбедноста на жените.
Од МВР претходно информира за случајот:
„Денеска полициски службеници од СВР Битола го лишија од слобода А.Р.(33) од Битола. Тој се сомничи дека утрово околу 06.40 часот со нож ја нападнал неговата сопруга А.В.(31) од Битола, со која не живееле заедно, а која од здобиените повреди починала на место. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт. Лицето е задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, соопштија од СВР Битола.




