Американскиот претседател, Доналд Трамп, денеска го напушти Пекинг и е на пат кон САД по дводневните серија средби со кинескиот претседател Шји Џинпинг, насочени кон решавање на отворените несогласувања меѓу двете најголеми економии во светот.
Авионот „Ер Форс Уан“ на американскиот претседател полета од меѓународниот аеродром во Пекинг, по церемонијата на испраќање на пистата, објави Си-ен-ен.
За време на тридневната посета на Кина, Трамп учествуваше на државен банкет, посети неколку историски места, имаше билатерална чајанка и работен ручек со кинеското раководство.
Американскиот претседател по денешната последна билатерална средба со неговиот домаќин, го пофали кинескиот претседател Шји Џинпинг, нарекувајќи ги Кинезите голем народ и најавувајќи ја неговата посета на САД во септември.
Трамп го заврши своето обраќање на состанокот со кинескиот претседател со констатацијата дека зад себе имале „неколку навистина одлични денови“.
Тој изрази надеж дека и кинескиот претседател во септември ќе си замине од САД „многу импресиониран како што е тој многу импресиониран од Кина“.
Денешната последна средба двајцата лидери ја имаа во комплексот Џонгнанхаи, местото каде што работат и живеат лидерите на кинеската централна влада, вклучувајќи го и претседателот Шји.
Тој објасни дека комплексот некогаш бил дел од царската градина и дека е проткаен со историја, а за време на прошетката на Трамп му покажа и дрво старо 490 години.
Како подарок, тој вети дека ќе му испрати семки од кинески рози што Трамп ги видел во градината.




