Епидемијата на мали сипаници не го продолжи, но аерозагадувањето го продолжува зимскиот распуст на учениците од сите основни и средни училишта.

Владата донесе одлука поради зголемените концентрации на загадувачки честички во воздухот во повеќе градови во Република Македонија, како и поради прогнозата за времето за следните денови, за заштита на здравјето на децата и во функција на скратување на времето на изложеност на загадениот надворешен воздух, да продолжи зимскиот распуст.

Така, според одлуката на Владата, распустот за сите ученици ќе трае уште два дена, заклучно со вторник, 22 јануари.

Одлуката се однесува на сите ученици од сите јавни и приватни основни и средни училишта во Република Македонија, а истата е донесена преку итна координација на Министерството за образование и наука, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за здравство.

Училиштата ќе бидат во функција, но учениците нема да посетуваат настава во наведениот период.

Во овој период Владата, пред сé Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за здравство ќе ја следат состојбата врз основа на која состојба, а во координација со Министерството за образование и наука ќе одлучат околу времетраењето на продолжувањето на зимскиот распуст, соопшти Владата.

Претходно денеска објавивме дека распустот нема да продолжи, но попладнево таа одлука е сменета. Од порано се најавуваше дека поради епидемијата на морбили во Скопје, може да биде продолжен зимскиот распуст за учениците, но тоа што не го „сторија“ малите сипаници, го „направи“ големата загаденост на воздухот.