Повредени се најмалку 40 лица, меѓу кои и фоторепортер и снимател, во инцидентите што се случија за време на протестот против Договорот од Преспа пред грчкиот Парламент во Атина, јави МИА.

Инцидентите ги предизвикаа групи маскирани лица, веројатно припадници на радикално десничарски групи и организации кои пред грчкиот Парламент ја нападнаа полицијата со разни предмети и пиротехнички материјали, обидувајќи се да го пробијат полицискиот блок и да стигнат до дворот на Парламентот.

Полицијата одговори со шок бомби и солзавци, а инцидентите набргу се проширија и низ улиците околу Парламентот.

Маскираните лица скршија и заштитна ограда од Парламентот, а фрлија и молотови коктели. Полицијата континуирано фрлаше солзавци.

Инцидентите се случија токму пред грчкиот Парламент, во горниот дел од плоштадот Синтагма, додека пак во долниот дел, онаму каде што беше поставена бината од организаторите и покрај созавецотм, на присутните паралелно им се обраќаа поканетите говорници.

Инцидентите траеа повеќе од два часа, а не ги прекина ниту дождот.

Грчката полиција соопшти дека на протестот учествуваа околу 60 илјади граѓани.

– За жал уште еднаш тонот на протестот го дадоа екстремни елементи и членови на Златна зора кои во нивниот обид да влезат во Парламентот, маскирани и со дрва, камења и палки ги нападнаа полицајците и десетици повредени завршија во болница, соопштуваат од кабинетот на грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Оттаму велат дека во демократијата слободното изразување на граѓаните е право за кое не се преговара, „па дури и за оние кои што сакаат да ја уништат, бидејќи како што велат, веруваат дека демократијата ја продаде Македонија”.

Од кабинетот на Ципрас потенцираат дека во исто време должност на сите оние кои веруваат и и служат на демократијата е да не дозволат такво нешто и да ги изолираат и осудат ваквите феномени.

Последна вест од протестот

Во инцидентите во делот околу грчкиот Парламент за време на протестот против Договорот од Преспа, повредени се најмалку 40 лица од кои 25 полицајци, еден фоторепортер и еден снимател, а приведени се 12 лица, од кои седуммина се уапсени, јави МИА од Атина.

По судирите меѓу маскираните лица и полицијата, што траеја околу три часа, ситуацијата пред грчкиот Парламент се смири, протестот заврши, граѓаните си заминаа, а во центарот на Атина дојдоа возила на општинската комунална служба за да ги исчистат улиците од мермерот, камењата, предметите, шишињата, но и остатоците од солзавецот и шок бомбите.

Она што остана да сведочи за денешниот протест беа и слоганите кои кусо пред да започнат инцидентите, ги испишаа со спреови дел од маскираните лица – Демократијата ја продаде Македонија“, но и пцовки упатени кон Ципрас, а го ставија и нивниот потпис – Златна зора.