Кирил МИНОСКИ
Етимолошки, зборот „просветителство“ е поврзан со зборот светлина. Светлината како знаење кое го трансформира човекот и општеството.
Просветителството се појавува во Европа во XVII и XVIII век како движење кое во своето средиште ги поставува знаењето и критичката мисла, наспроти стравот, догмата и слепата послушност која владеела во средниот век. Токму преку просветителствто се создаваат првите модерни национални држави со републикански карактер по Француската револуција во 1789 година.
Просветителството се темели врз учењата на античките мислители, особено на Аристотел, кој човекот го смета за zoon politikon – општествено битие што може целосно да се реализира само низ активен општествен живот. Во таа насока, Емануел Кант ќе каже: „Осмели се да знаеш.“ што значи човекот да излезе од сопствената незрелост и да почне да мисли со своја глава. Единствено преку образованието и просветлувањето на масите е можен вистински општествен развој.
Во таа насока, македонскиот преродбеник Димитар Миладинов ќе запише: „Народ што не се просветува, сам си ја копа иднината.“ Потребата од просветна дејност и подигнување на свеста била во средиштето на дејствувањето на нашите преродбеници – Пулевски, Мисирков, Чуповски и многу други, кои сметале дека училиштето и знаењето се посилни од кое било оружје.
Токму затоа интелигенцијата била носител на револуционерната дејност и дала огромен придонес, поднесувајќи и најголеми жртви во процесот на национално и духовно просветлување.
Во современи услови на брзи техничко-технолошки промени и континуирана изложеност на огромен број информации, значењето на просветлувањето на народот е уште поголемо. Непросветлениот народ лесно станува плен на манипулатори (внатрешни и надворешни). Луѓето без знаење и критичка мисла лесно се подложни на манипулација, омраза, поделби и политичка злоупотреба.
Затоа одговорноста и улогата на интелигенцијата, медиумите и образовниот систем во обезбедувањето точни и веродостојни информации на населението, е огромна.
Интелектуалецот не смее да биде слуга на моќта, туку коректив на општеството и носител на критичката мисла. Молчењето заради позиција, тендер, привилегија или личен интерес долгорочно го разорува системот на вредности, општеството и економијата.
Концептот на исклучиво лично и себично интересирање е неодржлив, затоа што таквиот егоистички пристап постепено ги уништува државата и заедницата. Кога поединецот размислува само низ призмата: „само мене да ми биде добро“, тогаш се губи чувството за општо добро и заедничка одговорност.
Денес, повеќе од кога било, ни е потребна нова просветителска дејност , дејност што ќе воспостави нови принципи на општествено делување, нов систем на вредности и нов општествен договор, во кој знаењето, компетентноста, моралот и принципиелноста ќе бидат темел на развојот. Само така може да се изгради поправедно, поразвиено и подостоинствено општество, во кое јавниот интерес ќе стои над личните и партиските интереси, а критичката мисла ќе биде двигател на напредокот, а не непријател на системот.
Во спротивно ќе биде како што вели Волтер:„Тиранијата најлесно владее таму каде што народот не мисли.“ Види помалку




