Бројот на загинати од експлозијата на нафтовод во Мексико се зголеми на 76 лица, додека неколку десетици повредени со потешки или полесни изгореници се уште се наоѓаат во болниците, пишува мексиканскиот весник „Ел Универсал“.
Претходно беше соопштено за 66 загинати. Моментно продолжува процедурата за идентификација на жртвите, изјави Омар Фајад, гувернер на државата Идалго.
Според првичните информации, причина за експлозијата на нафтоводот Туспан-Тула, која се случи во саботата наутро, е незаконско сечење на цевката. Најголем број од загинатите и повредените се локални жители кои во моментот на експлозијата се наоѓале покрај нафтоводот и се обидувале со кофи да го соберат горивото.
Новата мексиканска Влада од почетокот на годината започна активна борба против кражбите на бензин. Властите неодамна лоцираа неколку пробивања на цевководи и го запреа испумпувањето и кражбите на бензин.
Покрај тоа, сите рафинерии во земјата сега се под заштита на војската.