Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска нагласи дека на највисоко ниво и билатерално и во форматите поврзани со Европската Унија  разговараат за Европскиот систем за влез/излез (ЕЕС) и се бара решение, особено за летниот период, при тоа потенцирајќи дека не се точни информациите за индивидуално исклучување на одредени земји.

-Тоа што би можел да ја информирам јавноста е дека имаме разговори и со институциите на Европската Унија и со земјите членки, за во летниот период, кога ќе настанат најголемите гужви, да постои некаков систем преку кој ќе има олеснувања. Во моментот, бидејќи ништо не ни е официјално потврдено, за жал, и јас ништо не можам официјално да потврдам, но очекуваме како регион, соработувајќи и со земјите членки, кои и самите не сакаат вакви гужви, да има подобри услови од тие што ги имаше во последниот период – рече Муцунски на собраниската седница, посветена на опозициски пратенички прашања, одговарајќи на прашање на пратеничката од СДСМ, Сања Лукаревска за тоа каков одговор добиле во врска со одложувањето на EЕС-системот за нашата држава.

Тој посочи дека во текот на претходната недела бил на состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ со земјите од Западен Балкан, при што лично тој го отворил ова прашање.

-Присуствував и на состанок на министрите за надворешни работи во форматот „Пријатели на Западен Балкан“ во Братислава. Лично бев првиот министер од регионот кој го отвори ова прашање. Исто така, разговарам и билатерално со земјите од регионот. Како еден пример, министерот за внатрешни работи Тошковски пред неколку недели исто така беше во Грција, каде што разговаравме и дискутиравме како да се најде решение колективно за целиот регион. Зошто велам колективно? Затоа што веста што излезе дека граѓаните на Србија се исклучени од ЕЕС, е лажна вест, неточна информација. Точно е дека се појави во неколку медиуми, но јас наредниот ден таа информација ја нареков политички естраден настап, затоа што е апсолутно неточна – рече Муцунски.

Тој додаде дека согласно правилата на Европската Унија, таков тип на индивидуален исклучок, прво, не може да се направи, а второ, ако се погледнат условите на граничните премини, таква одлука не може да се имплементира. Додаде дека кога ќе се создаде гужва, не може да се направи една лента со колона само за граѓани на одредена земја.

-Информацијата за индивидуално исклучување на одредени земји е неточна, односно лажна вест, што се пласираше во одредени медиуми. Јас тоа го видов од медиуми во соседна Србија, затоа секогаш треба да бидеме внимателни кога читаме вакви информации и да ги следиме официјалните податоци и информации што доаѓаат од ЕУ, од земјите членки на ЕУ, но и од македонските институции – нагласи Муцунски.

Тој рече дека се согласува со пратеничката дека изминатиот месец, особено викендите, нашите граѓаните се соочуваат со големи предизвици на граничните премини со земјите-членки на ЕУ и тоа не само во нашата држава, односно на излез или влез од нашата држава, туку и во целиот регион.

-Слична ситуација како што имаше на македонско-грчката граница, имаше и на границите помеѓу Црна Гора и Хрватска, помеѓу Србија и Хрватска и да не ги набројувам другите гранични премини – рече тој и додаде дека овие метежи влијаат и врз граѓаните на земјите-членки кои патуваат во овој период.

Фото: Принтскрин