Владата на Гренланд денеска соопшти дека е постигнат напредок во преговорите на високо ниво со САД за иднината на територијата, но нагласи дека огромниот остров, кој американскиот претседател Доналд Трамп сака да го добие, никогаш нема да биде продаден.
Специјалниот пратеник на САД за Гренланд, Џеф Ландри, назначен од Трамп минатата година со цел да изврши притисок за американски контрола врз островот, вчера пристигна во Нук, каде што денеска се сретна со премиерот Јенс-Фредерик Нилсен и со министерот за надворешни работи Муте Егеде.
– Сметаме дека има напредок и од гренландска страна сме фокусирани на наоѓање решенија кои се добри за сите нас. Најважно е што заканите за анексија, преземање или купување на Гренланд и гренландскиот народ не се случија – изјави Нилсен по средбата со Ландри. Американскиот пратеник засега нема официјално соопштение, но за локалните медиуми изјави дека е дојден „да слуша и да учи“.
Желбата на САД да го купат или контролираат Гренланд – полуавтономна данска територија – предизвика сериозни тензии меѓу Вашингтон и Копенхаген како сојузници во НАТО, но и со цела Европа. – Тие побараа средба, а ние ја објаснивме нашата позиција и нашите црвени линии – нема да го продадеме Гренланд, ние ќе го поседуваме засекогаш – истакна Егеде.
Со цел намалување на тензиите, Гренланд, Данска и САД претходно годинава се договорија да водат дипломатски преговори на високо ниво. САД сакаат да го засилат своето воено присуство таму и го вклучија островот во планираниот одбранбен систем на Трамп против нуклеарни напади, наречен „Златна купола“. Вашингтон во моментов има една активна вселенска база на островот, наречена „Питуфик“.




