Во срцето на Босна и Херцеговина, во малото гратче Високо, на триесетина километри од Сараево, се наоѓа таканаречениот дистрикт на босанските пирамиди – место кое за едни претставува археолошка сензација, за други надеж за подобро здравје или само место за бегство од стресот и вревата на модерниот живот.
Илјадници посетители секоја година доаѓаат да ги видат локалитетите, тунелите и ридовите, кои, според истражувачот Семир Османагиќ, кријат многу повеќе од природни формации.

„Добродојдовте во дистриктот на босанските пирамиди – не политички дистрикт, туку оаза на добра енергија“, со овие зборови нè пречека господинот Османагиќ, човекот што стои зад теоријата за постоењето на првите европски пирамиди.
Од Маите до Високо
Османагиќ во интервју за МИА, што ќе биде објавено деновиве, објаснува дека повеќе од четири децении се занимава со истражување пирамиди и мегалитни локалитети во светот. Неговата докторска дисертација била посветена на пирамидите на Маите, а годините минати во Централна Америка му овозможиле директно да ги проучува древните цивилизации.

„Патував многу често во Мексико, Гватемала, Хондурас, Салвадор, Белизе… додека живеев во Хјустон, Тексас. Ги истражував пирамидите во светот и заклучив дека она што нè учат за пирамидите е погрешно“, раскажува тој.
Според него, пирамидите не се ограничени само на Египет и Мексико.
„Кажуваат дека се градени во Египет и Мексико, а всушност ги има во 33 земји на шест континенти – од Перу и Боливија, преку Судан, Кина и Индонезија, до Грција, Шпанија и Австралија“, вели Османагиќ.
Моментот што ја промени приказната
Приказната за босанските пирамиди почнува во 2005 година. Османагиќ тогаш сè уште живеел во Хјустон, но при посетата на Високо нешто особено му го привлекло вниманието.
„Сите го викаа природен рид бидејќи е прекриен со земја, вегетација и шума. Но, јас гледав геометрија – четири триаголни страни“, објаснува тој.

Дополнителен сомнеж му дале мерењата со компас, кои покажале дека така се градени пирамидите во повеќето земји во светот.
Набргу потоа почнале и првите истражувања.
Геолошки анализи и првите тврдења
По враќањето од САД, Османагиќ добил дозвола за прелиминарни истражувања. Следувале геолошки дупчења, археолошки сонди и лабораториски анализи.
По објавувањето на резултатите и организирањето прес-конференција во октомври 2005 година, Османагиќ јавно соопштил дека во Високо се откриени првите пирамиди во Европа.
Токму тогаш почнаа и многуте дебати во научната јавност – некои од археолозите и геолозите ги оспоруваат неговите тврдења, а поддржувачите веруваат дека станува збор за едно од најголемите археолошки откритија на модерното време.
Во срцето на Босна приказната за тунелите во Високо
Високо, мал босански град, сместен меѓу зелени ридови, на прв поглед не открива ништо необично. Но само неколку километри подалеку, се наоѓаат тунелите Равне – комплекс од подземни ходници пред чиј влез се создава ред од посетители. Некои зборуваат тивко, други молчат, а има и такви што дошле со јасна намера – да најдат олеснување од болка, несоница, анксиозност или замор.
Уште на влезот во комплексот се чувствува дека ова не е обично туристичко место. Посетителите забележуваат дека атмосферата е поинаква. Речиси сите зборуваат тивко како да влегуваат во храм, а не во подземни тунели. Задолжително е да се стави заштитна кацига бидејќи влезовите се ниски.

Воздухот е свеж, температурата е стабилна во текот на целата година, а тишината што владее во долгите коридори создава чувство на изолација од надворешниот свет. Многумина токму тоа го опишуваат како најсилниот впечаток од посетата – мирот што се чувствува во внатрешноста на тунелите за кои посетителите веруваат дека имаат посебна енергија и благотворно влијание врз здравјето.
Километри исчистени тунели со десет енергетски елементи
Според информациите од фондацијата што управува со локалитетот, досега се исчистени неколу километри подземни премини и откриени се повеќе влезови, кои водат кон разни делови од комплексот. Некои од ходниците се уредени за туристички посети, а истражувањата во другите делови и понатаму продолжуваат.

Во тунелите може да се забележат странични комори, камени блокови и делови што кај посетителите дополнително ја поттикнуваат љубопитноста. Водичите низ локалитетот објаснуваат за потеклото на тунелите, нивната намена и можната поврзаност со ридовите во околината, кои се наречени босански пирамиди.
„Под пирамидите имаме тунели, таму исчистивме 2,5 километри, а откривме вкупно седум влеза во разни тунели, сите се праисториски“, вели Османагиќ.

Тој додава дека во тунелите редовно се вршат мерења на воздухот, влажноста и други параметри на просторот. Вели дека температурата во тунелите и во лето и во зима е константна, од 12 до 14 Целзиусови степени и токму постојаната температура и чистиот воздух се дел од причините поради кои многу луѓе таму се чувствуваат пријатно.
„Во текот на зимата 80 отсто од гостите ни доаѓаат со здравствени проблеми. Зошто во текот на зимата? Затоа што, прво, има помал метеж, а второ, концентрацијата на негативните јони е поголема, температура е секогаш иста, влагата е 75 до 80 отсто и лето и во зима, кислородот е од 20 до 20,9 и лете и зиме. Сите параметри се еднакви и ние се трудиме да ги одржиме такви“, вели Османагиќ.
Особено во зимскиот период, кога надворешниот воздух е загаден и студен, некои од посетителите велат дека престојот во подземните ходници им овозможува чувство на лесно дишење и опуштеност.

Арсовска-Гацова со Османагиќ на местото на кое многумина бараат спас
Османагиќ појаснува дека во тунелите има комбинација на 10 енергетски елементи, од кои првите пет се отсуство на сите штетни зрачења. „Во тунелите, 20 метри под земјата, нема штетни космички зрачења, нема природни радиоактивности, нема геопатогени зрачења. Но нема ниту подземни води, сигнал за мобилен, за интернет, нема вај-фај зрачења, кои се многу штетни. А што има – има пет мерливи енергии, меѓу кои оргонска животна енергија, која се мери со инструменти. Во тунелите има и многу висока концентрација на негативни јони, кои влијаат на подобрување на 42 здравствени состојби, како што се: шеќер, притисок, концентрација, болки, работа на органите – црн дроб, бели дробови, бубрези, срце, но и на ментални, невролошки болести“, додава археологот.

Тој истакнува дека сè е мерливо и може научно да се докаже. „Ние постојано мериме, имаме енергетски мерења“, истакнува тој и притоа додава дека енергијата на пирамидите се користи за заштита на здравјето.
„Луѓето што имаат проблеми со дишење, со астма, бронхитис, воспаление на синусите… во тунелите Равне продишуваат. Доаѓаат од седум до 10 дена, дишат толку добро,. што повеќе не им треба инхалатор. Остануваат по еден час наутро, еден час попладне. Луѓето што имаат висок крвен пртисок го нормализираат, луѓе со висока гликоза, со шеќер, пред влезот во тунелите кога мерат имаат 10,5 шеќер, по 45 минути, кога ќе излезат надвор, повторно мерат и имаат 5,7“, споделува искуства Османагиќ и додава дека некои луѓе со многу тешки заболувања остануваат и по еден месец по што, како што тој тврди, „покажуваат неверојатни знаци на унапредување на здравствената состојба“.
Тој вели дека е многу важно да се потенцира дека неговата фондација е регистрирана за археолошки и научни истражувања, а не за медицина. „Ние не даваме здравствени гаранции, ние се занимаваме со наука. Сè е мерливо и можеме научно да го докажеме“, вели тој.
Сепак, научно не е потврдено дека тунелите имаат лековити својства или дека може да заменат медицински третман, па така треба да се сфатат и овие редови – како информација, но не и како препорака за медицински третман.

Во тунелите се наоѓа и познатиот керамички камен тежок неколку тони за кој, според истражувачкиот тим, вршени сде разни мерења и анализи. Многумина го допираат во тишина верувајќи дека има посебни енергетски својства.
Други затвораат очи и медитираат по неколку минути. Има и посетители што, едноставно, седат во тишина како да дошле тука за кратко да се исклучат од светот над земјата. Тука сите инстинктивно почнуваат да зборуваат потивко или, едноставно, замолчуваат.
Тунелите Равне – место на тишина, смиреност и надеж
Голем број посетители велат дека во тунелите чувствуваат релаксација, психички мир и оддалечување од секојдневниот стрес. Во одредени делови од комплексот луѓето седат во тишина, медитираат или поминуваат време во мирна атмосфера. Одекнуваат само чекорите на посетителите и тивките разговори на луѓе што со часови седат покрај големите керамички блокови.

Некои медитираат со затворени очи. Други само молчат.
Меѓу посетителите има луѓе од Босна, Србија, Хрватска, од нашата земја, но и туристи од Западна Европа, Канада и Јапонија. Речиси секој има своја приказна.
Пензионер од Хрватска вели дека првпат дошол пред три години откога слушнал дека престојот во тунелите им помага на луѓе со проблеми со дишењето.
„Не знам дали е енергија, медицина или само чист воздух. Но кога ќе излезам од тунелите, спијам подобро и се чувствувам полесно“, раскажува тој.
Млада жена од Србија вели дека дошла по тежок период исполнет со анксиозност и стрес.
„Не очекував чудо. Само сакав место на кое нема бучава и телефони. Тука првпат по долго време почувствував мир“, вели таа.

Вакви сведоштва може да се слушнат речиси секој ден. Некои од посетителите доаѓаат еднаш, од љубопитност. Но има и такви што се враќаат со години, убедени дека тунелите позитивно влијаат врз нивното здравје и психичката состојба.
Други веруваат дека високата концентрација на негативни јони во тунелите позитивно влијае врз организмот, а трети доаѓаат, едноставно, поради мирот и тишината што ретко каде може да ги почувствуваат.
Најневеројатна приказна
Османагиќ вели дека неговата фондација не објавува соопштенија за сведоштва на луѓе што имаат подобрување на здравствената состојба по посетата на тунелите Равне. „Ние не објавуваме затоа што не се занимаваме со лекување. Овде мојата улога е доста деликатна, здравјето е чувствително, ако кажете нешто, луѓето ќе очекуваат, а од друга страна, кој сум јас да кријам информации и да кажам да се забрани за тоа да се зборува. Така што најдов компромис да ги снимиме луѓето кои сами си кажуваат дека немаат повеќе болки, дека им поминало воспалението, дека го поправиле шеќерот, им помогнало за туморот… и тоа се објавува на социјалните мрежи“, додава Османагиќ.

Сепак, тој ни сподели една неверојатна приказна за човек што тврдел дека се излекувал од рак на белите дробови по престојот во тунелите Равне.
„Ни доаѓа човек од Словачка со две хартии во рацете, снимки пред и по болеста. Тој имал рак на белите дробови. Во Братислава му предложиле хемотерапија и операција, тој одбил и одлучил да оди во тунелите во Босна. Тој само слушнал и бил овде еден месец, се вратил назад и направил снимка, на која се покажало дека ракот веќе го нема“, раскажува Османагиќ и додава дека за тоа новинарите во Босна објавиле текст со наслов „Словак се излечил од рак на белите дробови во тунелите Равне“.
„Имавме и еден Австриец од Виена, Андреа, имаше рак на простата, што кај мажите е многу незгоден. Дојде кај нас, исто така беше речиси еден месец, по што ја користеше водата од тунелите, која има хексагонална структура, енергетски жива вода или како јас што ја викам – ‘среќна вода’. Ја пиел во Виена два месеци, отишол повторно на снимање и ракот веќе го немало. Тој отишол кај многу угледен уролог во Виена кому не му било јасно што се случило. Му кажал дека бил во тунелите во Босна“, се надоврзува Османагиќ и нагласува дека „тоа се навистина спектакуларни примери“.
Пирамидата Сонце – најголемата атракција во Високо
Уште при влезот на Високо погледот го привлекува ридот Височица, кој, според истажувачот Османагиќ, претставува Пирамида Сонце – најстарата и најголема пирамида во светот.

Пирамидата на Сонцето
Пирамидата е прекриена со слоеви земја и вегетација, слично како и пирамидите во Кина, Мексико и Гватемала.
Поради своите археолошки, енергетски и астрономски карактеристики, таа привлекува посетители од целиот свет.
До врвот водат шумски патеки по кои секојдневно минуваат туристи, волонтери и љубители на алтернативната историја.
Од врвот се гледа цело Високо, а многумина таму застануваат, фотографираат или, едноставно, уживаат во погледот.
За едни – ова е археолошка сензација. За други – добро организирана туристичка приказна. Но без разлика на разните ставови, Пирамидата на Сонцето стана симбол по кој Високо денес е препознатливо низ целиот регион.
Паркот Равне – место за мир и алтернативен туризам
Недалеку од тунелите се наоѓа и паркот Равне – зелен парк исполнет со дрвја, уметнички инсталации, дрвени мостови, простори за одмор, но и игралишта за тенис и кошарка.

„Во 2015 година купивме 15 запуштени парцели и ги трансформиравме во најубав парк на југот на Европа. Паркот го украсивме со многубројни наши и меѓународно донирани инсталации и стана културна оаза на Балканот со концерти, предавања. Ова е остров на дружење, ведрина и хармонија со природата“, наведува Османагиќ, кој е и основач на фондацијата „Археолошки парк: Босанска пирамида Сонце“.

Тој додава дека паркот претставува туристичка инфраструктура, на која се засадени илјадници садници, цвеќиња и овоштарник.
Тенискиот терен е посебна атракција за што придонес има и светскиот тенисер Новак Ѓоковиќ.

Влезот во овој уникатен еколошки парк е бесплатен.
Пирамидите, тунелите и паркот се отворени секој ден во годината од 9 до 18 часот за поминување со водич, а за медитација се отворени од 7 до 20 часот. Обиколката со водич на тунелите Равне трае од 45 минути до еден час и чини 20 босански марки, односно 10 евра.
Туризам во Високо
Високо денес живее од приказната за тунелите и пирамидите. Во последната деценија подземните тунели кај Високо прераснаа од локална атракција во феномен што привлекува луѓе од целиот Балкан, Европа, па дури и од Австралија и САД.

Се отвораат нови кафулиња, сувенирници и апартмани. Локалните жители велат дека градот никогаш немал толку туристи како во последните години. Во летните месеци паркинзите се полни со автобуси од целиот регион.
„Градот почна да функционира, има 150 сместувачки капацитети, кои се пријавени на „Букинг“, ама има и илегални, буквално сè се изнајмува – куќи, викендички, а хотелот со пет ѕвезди само наши гости го полнат. Тоа се сè бенефиции на туризмот“, вели Османагиќ и додава дека „ова не е само археологија и наука, туку има и лековит и духовен аспект“.
На „Букинг“ апартманите се движат од 35 до 40 евра за едно ноќевање за семејство. Паркингот кај тунелите е бесплатен. Додека ја чекате турата за влез со водич, може да пробате од познатата босанска Бегова чорба, која чини пет марки или 2,5 евра со сомун, бурекот е 1,5 евро, а традиционално босанско кафе е едно евро.

Во кафулињата макијато чини две евра, а за десерт може да земете туфахија (печена јаболка со ореви) за 1,5 евро, хурмашица 1,7 евро или баклава околу две евра. Еден оброк во ресторан изнесува 10-ина евра – порција телешки мускул со сомун ќе платите седум евра и пијалак, безалкохолно пиво, околу две евра.

Како сувенир од Високо се зема каменот орналит во облик на пирамида за кој се смета дека има заштитна моќ од негативна енергија и чини 20-ина марки, односно 10 евра за поголемите, а магнетите се по едно евро.

Без разлика дали посетителите доаѓаат од научна љубопитност, надеж за подобро здравје или туристичка авантура, Високо денес е една од најпосетуваните дестинации во регионот кога станува збор за алтернативна археологија, но и медицина.
За некои од луѓето тоа е бизнис. За други – мисија. А за посетителите, најчесто, лично искуство што секој го доживува поинаку.
Потрагата по нешто што недостига
Можеби токму затоа приказната за Високо опстојува толку долго.
Во време на постојан стрес, брз живот и дигитална бучава, сè повеќе луѓе бараат места на кои ќе почувствуваат мир – без разлика дали тој мир доаѓа од науката, природата или од сопствената вера во нешто поголемо.

Под земјата на Високо, меѓу ладните тунели и тишината што одѕвонува во камените ходници, секој посетител носи свое прашање. Некои бараат лек. Некои енергија. Некои само неколку часа тишина.
А можеби токму таа тишина е причината поради која повторно се враќаат.





