Заместник-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау, синоќа изјави дека разговарал со боливискиот претседател Родриго Пас, при што изразил загриженост поради ескалирачките немири во јужноамериканската држава.
Демонстрациите во Боливија започнаа како штрајкови во почетокот на мај, но прераснаа во национално движење по вклучувањето на синдикати, рудари, транспортни работници и рурални групи. Протестирачите бараат Владата да ги укине мерките за штедење и да преземе мерки против растечките трошоци за живот, а дел од нив бараат оставка на претседателот.
Неколку банки во главниот град Ла Паз привремено ги затворија своите филијали поради безбедносни причини.
Ландау изјави дека се надева оти и други јужноамерикански држави ќе се приклучат кон осудата на она што го нарече „преврат“, што би можел да ги загрози демократски избраните влади во регионот.
Тој додаде дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп работи на тоа да спречи анти-владините и анти-институционалните сили да надвладеат.




