Нешто повеќе од половина милион гласачи (568.587) денеска ќе го остварат правото на глас на парламентарните избори на Кипар, на кои учествуваат рекорден број партии, коалиции и кандидати, од кои ќе бидат избрани 56 пратеници во Парламентот, додека пак анкетите покажуваат загуби за традиционалните партии и подем на нови политички сили со што драстично може да се смени политичката сцена во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Иако Парламентот е со ограничени овластувања со оглед на тоа што извршната власт ја има претседателот, кој е и шеф на државата и шеф на владата, сепак парламентарните избори се клучни, бидејќи ја одредуваат политичката клима на островот, особено во период на геополитички, економски и енергетски предизвици со ситуацијата на Блискиот Исток.

Изборите ќе го определат составот на Претставничкиот дом, кој има важна улога во носењето закони, буџетот и контрола и поддршка на владините политики.

Парламентот има 56 активни места, од вкупно 80, бидејќи местата предвидени за турско-кипарската заедница остануваат празни.

Предизборните анкети и истражувањата на јавното мислење покажуваат загуби за главните политички партии: централно-десничарската Демократски собир (ДИСИ) и левичарско – социјалистичката партија АКЕЛ, но сепак се очекува да ги задржат првите две позиции, со минимална разлика меѓу нив.

Конзервативната ДИСИ предводена од претседателката на Парламентот Анита Пападимитриу, која традиционално се смета за проевропска и либерална партија, а на минатите избори беше прва со 17 пратенички места, ќе се обиде да ја задржи водечката позиција, додека главната опозициска партија, АКЕЛ што има силна поддршка меѓу работниците и синдикатите, што сега има 14 пратеници, е со минимална разлика на втората позиција.

Со зголемена поддршка, според анкетите е радикално десничарската Национален народен фронт (ЕЛАМ), што може да освои и над десет отсто од гласовите и да стане трета политичка сила во земјата, одземајќи ѝ ја третата позиција на Демократска партија (ДИКО), што на минатите избори освои 11 пратенички места места.

ЕЛАМ е партија што во кипарскиот Парламентот за првпат влезе во 2016 година, период кога се претставуваше како сродна партија на грчката неонацистичка Златна зора, а во претходниот парламентарен состав имаше двајца пратеници, бројка што доколку се потврдат анкетите, се очекува драстично да се зголеми.

Меѓу новите партии што се очекува, не само да обезбедат место во Парламентот туку и да добијат најмалку седум – осум отсто од гласовите се Директна демократија на 26-годишниот јутјубер, а од 2024 година и европратеник Фидиас Панајоту и партијата АЛМА на поранешниот генерален ревизор на Република Кипар Одисеас Михаилидис.

Вонредниот професор по политички науки на Универзитетот во Никозија Јанос Кацуридис, говорејќи за кипарско радио посочи дека овие парламентарни избори би можеле да бидат избори со најголем пресврт од 1974 година, објасни дека ќе се зацврстат трендови што веќе подолг период се развиваат, како што е намалената излезност, но и дека се очекуваат значителни промени не само во силата на партиите, туку и во влезот на нови партии во Парламентот, а политичкиот систем, каков што се оформуваше во изминатите години, изгледа сега влегува во период на преструктуирање.

Предизборната кампања за парламентарните избори заврши во петокот на полноќ, по што започна и предизборниот молк.

Гласачите места, вкупно 1.217 ќе бидат отворени од 7 часот утрово до 18 часот, а гласањето на еден час меѓу 12 и 13 часот ќе биде прекинато поради пауза, додека пак резултатите се очекува да бидат познати до 21.30.

Паралелно, во странство ќе функционираат 13 избирачки места, односно пет во Атина, три во Солун, четири во Лондон и едно во Брисел.

Право на глас имаат сите граѓани со наполнети 18 години, а законот да се гласа од 17-годишна возраст ќе стапи на сила на 1 јули следната година и за првпат ќе се имплементира за време на претседателските избори во 2028 година.

За изборите се ангажирани околу 9.000 лица, за да ги покријат сите фази од изборниот процес, односно, гласањето, пребројување на гласовите, пренесување и предавање на гласачките кутии, како и објавување на резултатите.

Повеќе од половина од нив, односно над 6.500 лица се директно вклучени во изборниот процес, додека 2.100 се полицајци ангажирани за мирно спроведување на парламентарните избори.

Парламентарните, исто како и претседателските избори на Кипар се одржуваат на секои пет години, а во 2023 година Никос Христодулидис, тогаш како независен кандидат беше избран за шеф на државата.

Република Кипар, од 2004 година е членка на Европската Унија, а четири години подоцна стана дел и од еврозоната.