Директорот на ЈП Железници Инфраструктура, Синиша Ивановски, на својот Фејсбук профил објави видео и фотографии од акцијата за чистење на Железничката станица во Скопје.
Порача дека по декади запуштеност се чисти Железничката станица во Скопје.
-Железничката станица во Скопје треба да претставува гордост на главниот град. Декади запуштеност и немање институционална и општествена грижа за жал ја претвори во тотално не-репрезентативен објект “накитен” со билборди, постери, графити, несоодветни содржини, недоволна хигиена. Преземаме мерки за подигнување на нивото на надворешниот и внатрешниот изглед на Железничката станица Скопје преку долготрајна акција и сет на активности, истакна тој.

Ивановски истакна дека за старт се отстранија сите билборди и светлосни реклами. Информира дека остана уште една светлосна на Хамза Донер кои одбиваат да ја извадат, па потенцира дека истите доколку не ја отстранат во рок од 7 дена договорот за закуп ќе им биде раскинат. Се отстранија сите информативни постери кои со години се напластени, се продолжува со генералната хигиена.
-Во моментов заедно со Архитектонскиот факултет работиме кон проектирање на целосна реконструкција на железничката станица, а со ИЗИИС ја проверуваме конструкцијата на самата станица. Процесот на враќање на нормалниот изглед на железничката станица нема да е лесен процес, но да почнеме денес. Во склоп на објектот има станица на МВР, и нив им благодариме за секојдневната соработка и помош, објави Ивановски.




