Со температури кои на моменти надминуваат 45 Целзиусови степени, најмалку 16 лица починаа во еден ден во индиската држава Телангана како резултат на екстремните горештини, пренесе ДПА.

Смртните случаи се припишуваат на актуелниот топлински бран, јавија денеска новинската агенција ПТИ (PTI) и други индиски медиуми, повикувајќи се на министерот за финансии на оваа јужна сојузна држава, Понгулети Сриниваса Реди.

Жртвите потекнуваат од различни области на Телангана, а сите смртни случаи биле пријавени во петокот.

Не починале сите 16 лица исклучиво како последица на топлотен удар, ја цитира весникот „Тајмс оф Индија“ (The Times of India) изјавата на локален здравствен функционер. Дел од нив имале претходни здравствени состојби, што особено се однесува на постарите лица.

Топлинскиот бран со денови држи под силен притисок големи делови од земјата.

Високите температури не се необични за овој период од годината на индискиот потконтинент. Сепак, Метеоролошкиот департман објави температури и до пет степени „над нормалата“ во некои делови од земјата, вклучувајќи ја и областа на Делхи.

Во саботата, највисоката температура во денот беше измерена во регионот Видарба, во источниот дел на државата Махараштра, каде беа регистрирани 47,1 степен.

Властите издаваат предупредување за топлински бран кога се очекува максималната температура да достигне најмалку 40 степени или повеќе во рамничарските предели и најмалку 30 степени на повисоките надморски височини.

Според Метеоролошкиот департман при Министерството за земјени науки, топлинскиот бран најверојатно ќе продолжи и во наредните денови во некои делови од земјата. (МИА)