Ванчо Полазаревски е едно од препознатливите имиња во современата македонска литература за деца, но и значаен хуморист и сатиричар кој оставил длабока трага во македонската култура. Неговото творештво претставува спој на хумор, мудрост, игра на зборови и силна општествена порака. Со децении тој успева да ја доближи литературата до најмладите читатели, притоа создавајќи дела кои не само што забавуваат, туку и воспитуваат и поттикнуваат размислување.

Полазаревски својата кариера ја градел низ новинарството, радиото, списанијата и телевизијата. Работел во повеќе значајни медиуми како „Битолски весник“, Радио Битола, „Остен“, „Детска радост“, „Теа модерна“… Особено значајно е неговото уредување на списанијата за деца „Другарче“, „Развигор“ и „Наш свет“, преку кои многу генерации од најмлада возраст се запознале со светот на книгата, фантазијата и смеата.

Неговите дела се разновидни и богати по содржина. Полазаревски пишува поезија, раскази, пиеси, гатанки, сликовници, афоризми и романи. Насловите како „Смеалиште“, „Баба Рога вежба јога“, „Фока во фиока“, „Гатанки“ (1 и 2), „Солзи и бисери“, „Лилав пилав“, „Сештологија“, „Џемпер-дрво“, „Шашардарија“, „Па што?“ (хуморески за возрасни); „Скриб-тиз“ (афоризми)…, ја откриваат неговата уникатна способност преку игра и духовитост да создаде свет близок до децата. Во неговите книги хуморот никогаш не е празен, туку секогаш носи порака за добрината, човечноста и вистинските вредности.

Неговите дела се преведени на турски, албански, естонски и на јазиците на поранешните југословенски републики. Долг период беше застапен во лектирата за прво одделение, како и во многу читанки за основните училишта со песни, раскази и пиеси. Во моментот, неговата позната збирка пиеси за деца – „Сештологија“ е изборна лектира за шесто одделение.

Полазаревски е добитник на наградата на МТВ за најдобра книга за деца и млади меѓу две Струги (за „Смеалиште“), како и на специјалната награда на Остеновата Светска галерија на карикатури (заедно со Мустафа Асим). Член е на Друштвото на писателите на Македонија, а членувал и во сатирично-хумористичната група „Кикс“ при „Студентски збор“.

Последното негово дело е романот „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“, кој ја доби наградата „Оливера Николова“ (востановена од издавачката куќа „Арс Ламина“ со поддршка од семејството на Николова), за 2026 година. Овој роман претставува современа еко-приказна што зборува за загадувањето, прекумерната потрошувачка и светот кој станува заробеник на отпадот и материјализмот. Преку интересни ликови, хумористични ситуации и фантастични елементи, Полазаревски испраќа силна порака дека човекот мора да научи да ја почитува природата и да биде одговорен кон светот во кој живее.

Наградата „Оливера Николова“ е востановена од издавачката куќа „Арс Ламина“ со поддршка од семејството на Николова

Добитник сте на значајно признание. Како се чувствувате?

-Едно големо и морам да признаам многу пријатно изненадување е. Особено ми е чест што покрај името на нашата голема уметница, писателката Оливера Николова стои за 2026 година и моето име. Морам да кажам дека конкурсот „Оливера Николова“ е шанса да се модернизира пишувањето за деца, да му се врати достоинството на романот за деца како форма и содржина, која колку – толку ќе му се доближи на мобилниот и на таблетот.

Им верувате ли на наградите?

-Не многу. Нивното значење кај нас е предимензионирано. Наградениот како автоматски со наградата да се сместува во некоја посебно привилегирана категорија, што воопшто не е прифатливо. Наградата е само знак дека во еден миг додека си пишувал, како и обично, ти се наместиле коцките и токму тогаш твоето перо малку се „просветлило“ и се случило, тој зракот-наградата да те осветли тебе а не, на пример, тој до тебе.

Што воопшто значат тие, сега и овде?

-Може слободно да се каже дека имаме инфлација од награди. Прашање е на денот кога ќе се востанови награда за ненаграден писател (се смее, нов.заб.). Со сите тие конкурси за нај, нај, се гради некој посебен пазар на златнословни плакети и статуетки кои панаѓурот на суетата го прават уште покомпликуван, уште поневеродостоен. Малкумина во таа поплава од конфети на свеченостите по повод на наградите, препознаваат вистински вредности. Впрочем, за тоа се потребни многу квалитети како на обичниот, просечен читател, така и на сериозните литературни критичари.

Кога ќе се свртите наназад, дали прво се чувствувате како новинар, сатиричар или писател за деца? Што од тие три најмногу ве обликуваше како човек?

-Пишувањето за деца ми донесе најмногу радост и делуваше најпријатно на моето самоспознавање. Во новинарството не се снајдов, а хуморот и сатирата ми помогнаа само полесно да се спуштам наземи и да сфатам дека за да критикуваш други, друго, треба да си на етички и морален план на исклучително високо ниво.

Вашите книги за деца се полни со игра на зборови и хумор. Дали хуморот е начин да се преживее реалноста?

-Да. Хуморот е главниот јунак на моите песни и раскази. Тој е своевидно додворување на читателот, погонско гориво за нови авантури на планот на писателството. Но, за жал за преживување една ваква реалност, каква што е нашата, не е од голема помош. Повеќе би се кладел околу преживувањето на реалноста на способноста да се биде кул.

Денес децата растат со телефони и кратки видеа. Како еден писател успева да им го задржи вниманието со книга?

-Ужасно тешко. Па дури прашање е колку е тоа воопшто можно. Тие електронски играчки се многу моќни и миговно го освојуваат детето со бесконечното множество информации, игри, филмови, интерактивни чудесии кои се просто неоддоливи. Па сега со ВИ, тој на својот мобилен за миг станува главен јунак во некое клипче што е навистина возбудливо дури и за возрасните.

Наспроти тоа, замислете книга, ламентација за детството во некое село од пред сто години. Секако дека таа книга може да биде одлично напишана, но ја нема магијата на екранот, онаа метеорска брзина на идеи, настани, семоќни суштества, супер јунаци од секаков профил.

Читањето е тука, постои, но на еден друг соодветен, на електронското време начин.

Што ве инспирира повеќе, детската искреност или апсурдот кај возрасните?

-Јас би ги искомбинирал и двете со тоа што тие и онака веќе се повеќе се мешаат една со друга. Границите се поместуваат, книги за возрасни пазарот знае да ги нуди како детски книги и обратно.

Дали некогаш некое дете ви кажало коментар за книга што ве погодил повеќе од критика од возрасен?

-Не. Децата се многу внимателни соговорници, сериозни во разговорот со писателот, да речеме на некоја средба и тогаш за да дојде до поискрен однос со нив потребно е ние што пишуваме за деца да се искачиме на нивно ниво и да ги ослободиме од онаа формалност која што возрасните им ја наметнуваат со некоја  стереотипија во разговорите за книгите, песните, авторите.

Во вашите дела често има топлина и ведрина. Дали тоа е природно ваш карактер или свесен избор во време полно со нервоза и цинизам?

-Кога приказната почнува да се испишува, јас некако по правило ја водам кон хуморни води, кон ведрина, затоа што тоа толку многу му прилега на младиот читател. Се разбира, неговиот вкус е многу посложен и секако нема ништо против, ако во приказната има некоја интересна вештерка, зол чичко кој треба да биде надитрен, ликови кои не се црно бели во однос на добрината и слично.

Колку семејството влијаеше врз вашиот творечки свет?

-Многу. Максимално бев и сум подржуван од мојата сопруга Мирјана и ќерката Фросина, макар да во критиките на Мирјана уживам голем попуст.

Вашата сопруга е психијатар. Дали разговорите дома понекогаш изгледаат како спој меѓу литература и психологија?

-Ние многу разговараме на двете теми и забелешките од тој психолошки карактер за мене се драгоцени.

Што научивте од животот со човек што професионално се занимава со човечката психа?

-Секојдневно и многу да работам на себеси. Бескомпромисно да влезам во борба со мојот генетски код. Да се обидам да станам подобар макар и за едно глувчешко влакно. Тоа често преминува во една таква самокритика што честопати правев големи паузи во пишувањето па дури и сметав дека од мене “толку”, младите нека продолжат понатаму. Но, она длабоко во нас, се плашам дека тоа најчесто може да се нарече суета, пак се перчеше и со бараше уште по некоја трошка од онаа возбуда и радост кога ќе видите свој ракопис вкоричен, светнат со лакирани бои и покрај него некои убави илустрации.

Како татко, што најмногу научивте од вашата ќерка?

-Да бидам прецизен во муабетот. Да нема туку-така во разговорот разни празни “поезии” и “филозофирања”, макар што, кога некој ќе ми каже дека филозофирам тоа го сметам за голем комплимент.

Дали вашата ќерка била првиот читател или критичар на некоја ваша приказна?

-Понекогаш, но не многу често. За ќерка ми Фросина ја напишав сликовницата „Моите први зборови“. Знаете она, камбаната заради звукот нам – бам да се нарече банбана и слични автентични настани од нејзиниот живот видени низ очите на мало дете и тоа беше нашата најинтересна заедничка средба со моето пишување песни, раскази. Инаку, патем речено, дома потешко се освојува “славата.”

Што е потешко, да се насмее дете или возрасен?

-Да не заборавиме дека тие не се смеат на ист начин. Смеењето на детето е обично поискрено, кристално јасно, невино. Макар што границите на детската невиност и искреност мислам дека се повеќе се спуштаат. Возрасните знаат да го лажираат своето смеење, да го претворат во средство за постигнување некоја цел. Ретко е денес да се чуе громогласна смеа која, ако веќе се чуе е како некој посебен празник на душата.

Има ли денес доволно хумор во македонското општество или станавме премногу сериозни?

-Се согласувам дека станавме премногу сериозни и тоа е разбирливо кога ќе погледнете што се секојдневно ни се случува. Нашите вести се црна хроника и ако, чат – пат на нив се накалеми некаков хумор, тоа е само црн хумор, гротескност која вознемирува и насмевката автоматски ја претвора во грч.

Дали некогаш сте напишале текст што подоцна сте посакале да не сте го објавиле?

-О,  да. Многу често ми се случувало тоа. Ме понесува творечкиот занес и изгледа во тие моменти самокритичарот во мене како да дреме малку.

Што мислите, дали денешните деца имаат помалку фантазија или само поинаква фантазија од порано?

-Денешните, дигитални деца не да имаат фантазија…струја се. Поинаква секако, поурбана. Нивната духовна храна за кус период, со ова нагло дигитализирање, стана толку многу поразлична од порано. Нив да ги освоиш нив со книга, да ги “фатиш” со “гол” текст, текст во кој нема игра, каков и да било интерактивен пристап, стриповно ликовно графички уредени страници, на пример, некоја оригинална финта… е вистинско чудо. Текстот за денешниот млад читател треба да е феноменален, харипотеровски, динамичен до вртоглавост за нас повозрасните, небаре одличен долгометражен цртан филм.