Само специјалниот бугарски пратеник Венко Филипче слепо му верува на Румен Радев кога вели дека уставните измени се последната препрека за влез на Македонија во ЕУ. На сите им е јасно, па дури и на птиците, дека уставните измени за внесување на Бугарите во уставот е само првиот од многуте чекори кои бугарските власти ги имаат кон нас, а се однесуваат на македонскиот јазик, историја, култура и идентитет, вели Валентин Манасиевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
-И ова не го говориме ние како ВМРО-ДПМНЕ, туку тоа го говори сегашниот премиер на Бугарија. Во видео од 2019 година, кое е повторно актуелно на социјалните мрежи, Румен Радев како тогашен претседател на Бугарија, пред голем аудиториум на конференција во Русија на којшто присуствува и Владимир Путин, говори за македонската историја, но во бугарски контекст. Румен Радев во своето обраќање говори дека Гоце Делчев е Бугарин и дека писменоста дошла од Бугарија, а не од Македонија, додека од македонските власти во тоа време предводени од Зоран Заев и Венко Филипче немаше никаква осуда за конкретниот говор на Румен Радев. Со ова, јасно се докажува дека на Бугарија и Румен Радев не им е само до внесување на 2-3 илјади луѓе во Уставот на Македонија кои се чувствуваат како Бугари, напротив тие сакаат комплетно да ја редефинираат македонската историја, македонскиот јазик, култура и идентитет, вели тој.
Манасиевски потенцира: „Или попластично објаснето, доколку Филипче дојде на власт би им дозволил на Бугарите без задршка – Гоце Делчев, Јане Сандански, Питу Гули, Даме Груев да бидат Бугари кои се бореле за бугарската држава, Кирил и Методиј да бидат Бугари кои ги описмениле словенските народи, секако по ова македонскиот јазик би бил од 1945 година па наваму, исто како и македонскиот идентитет дека е од по втората светска војна, а се пред тоа било бугарско“.
-Венко Филипче и СДС за власт, за амнестија од криминалите, за да можат да ја крадат државата и за моќ, за само еден ден би ја продале државата и око нема да им трепне. ВМРО-ДПМНЕ тоа нема да го дозволи заедно со граѓаните кои ја ценат и поддржуваат нашата достоинствена политика која носи добробит на македонскиот народ, вели портпаролот на владејачката партија.




