Пратеничка група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Италија оствари средба со италијанскиот амбасадор, Н.Е. Паоло Палминтери во земјава, на која, како што информираат од Собранието, било разговарано за севкупната билатерална соработка, процесот на евроинтеграција и нашата дијаспора во Италија, која е успешно интегрирана и добро етаблирана во италијанското општество, претставувајќи мост за унапредување на пријателството и соработката.
Претседателот на Пратеничката група, Елми Азири, на средбата, како што информираа од Собранието, изразил благодарност за иницијативата за оваа средба, истакнувајќи дека билатералните односи меѓу двете земји се традиционално добри и пријателски, а економската соработка го одржува долгодишниот тред – Италија во повеќедецениски континуитет е меѓу десетте најзначајни економски и трговски партнери на Северна Македонија.

На меѓупарламентарен план, било истакнато дека повеќе од две децении се формираат пратенички групи за соработка со Италијанскиот парламент, а исто така и во Италијанскиот парламент е формирана мешовита група за пријателство со земјите од регионот. При што Азири ја исткана подготвеноста за поблиска соработка меѓу групите, како продолжение на севкупната билатерална соработка.
Во однос на процесот на нашата евроинтеграција, Азири посочи дека високо ја цениме безрезервната и пред сè, вокалната поддршка од Италија, што за нас претставува недвосмислена потврда на сите наши напори за да ја оствариме стратешката цел и желба на нашите граѓани – да бидеме дел од европското семејство на народи.
Амбасадорот Палминтери, се вели во соопштението, посочил дека ова е важен момент за земјата, кога европските лидери се посветени на проширувањето на Унијата и овој момент треба да се искористи.

Соговорниците ја потенцирале огромната важност на нашата дијаспора во Италија, која е успешно интегрирана и добро етаблирана во италијанското општество, претставувајќи мост за унапредување на пријателството и соработката. Нашата држава очекува Италијанскиот парламент што поскоро да го ратификува Договорот за социјална сигурност, како би можеле нашите иселеници непречено да ги остваруваат своите пензиски и социјални права.
На средбата присустувале и членовите на пратеничката група – Благица Ласовска, Димитар Ковачевски и Мевмед Џафери.
На крајот од средбата присутните, како што се вели во соопштението, истакнале дека Северна Македонија останува отворена и за натамошна заемна поддршка и соработка меѓу нашите постојани делегации во останатите меѓународни парламентарни собранија – ПС на Советот на Европа, ПС на OБСЕ, ИПУ и ПС на Медитеранот, како и развивање и унапредување и на други сегменти на меѓудржавна соработка – покрај економијата, исто така и во културата, образованието, туризмот, здравството и слично.




