Со владината одлука за дополнително намалување и усогласување на царинските стапки за полупризводите и суровините, ги правиме нашите извозници и домашни и странски инвеститори уште поконкурентни, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
По отворањето на трговскиот центар „Mega shopping Park“ во Гевгелија, тој напомена дека на претходните 50 отсто, сега има усогласување за дополнителни 20 проценти.
-Донесовме одлука со која се зголеми обемот на полупризводи и суровини кои ги користат производителите и извозниците во Македонија за да извезуваат. Претходно имавме усогласување 50-на отсто, сега имаме дополнително усогласување за нови 20 отсто, односно до 70 проценти. Со тоа ги правиме нашите извозници и домашни и странски инвеститори уште поконкурентни. Тоа е целта на ова усогласување, потенцира Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања.
Министерството за финансии вчера информира дека намалувањето на царинските стапки опфаќа 70 суровини, репроматеријали и компоненти што се користат во домашните производствени капацитети за производство на високо финални производи, а целта е да се зголеми извозната конкурентност на македонската индустрија.
-Владата го усвои Предлогот за измена на Законот за царинска тарифа, со кој се врши дополнително намалување на царинските стапки и нивно целосно усогласување со стапките за тие стоки кои се применуваат во Европската Унија. Овие измени претставуваат продолжение на минатогодишните законски измени кои стапија на сила на 1 јули 2025 година, кога беше извршено намалување на царинските стапки до 50 отсто од нивото на царинските стапки што важат во Европската Унија, наведе Министерството.
фото: принт скрин




