-Киро Донев е возрасен писател за деца. Автор на педесетина книги. Роден во село Моноспитово, Струмичко, на 21 март – датум кој веднаш потоа е прогласен за Ден на пролетта. Бидејќи е роден во знакот на Овен, постојано удира со главата во ѕид. Тоа удирање понекогаш му се исплатува, бидејќи така си собира тули за градење свој личен став. И надгробниот споменик си го ѕида сам. Денот на неговото „откривање“ сè уште не е познат. До тој ден, како и досега, на Татковината ќе ѝ се одборчуваа со по една книга годишно.

За МИА, едно понеобично интервју со него односно, тој со сам себеси, колку да излеземе од рамките на вообичаеното и враменото. А со Донев, тоа е лесно. Бидејќи, духот на овој класик на македонската литература за деца и младинци е за децении помлад од на повеќето од нас.

■ Од каде да почнеме, Кириле: од почетокот, или од крајот?
● Од средината…

■ Ти веќе ја промени. Се расели од Скопје во родното село. Како ти е сега таму?
● Супер! Секогаш можам да се фатам за сламка.

■ Сепак, во кој град би сакал да живееш како познат писател за деца?
● Зарем не е подобро да бидеш „облакодер“ на село, отколку – „гаражата“ во некој град?

■ Што го сметаш за твој успех?
● Секој нов ден. Порази не признавам.

■ Од кој предмет не можеш да се откажеш?
● Од перото.

■ Кога пишуваш нова книга, мислиш на…
● На тоа каква книга јас сакав да читам кога бев дете.

■ Што не пишуваш сега?
● Честитки за оние што сами си честитаат.

■ Да можеш би засадил дрво што раѓа…
● Иднина! Но, под услов да имам и „нотaрска гаранција“ дека нема да ми го „кастрат“ соседите.

■ Што споменик би подигнал во некоја планина?
● Споменик на човекот… Иако е единствената грешка на природата.

■ Те вади од такт…
● Тоа што имаме различна тактика во време кога ни е потребна заедничка стратегија.

■ Како ја замислуваш Европа по 100 години?
● Како Атлантида пред илјадници години.

■ Од кој сон не сакаш да те разбудат веднаш?
● Ако овој живот е мојот сон – не будете ме!

■ Рецепт за успех во животот?
● Зборувај ја вистината, или – лажи. Но, под услов тој занает добро да го испечеш!

■ Без што не можеш да живееш?
● Без животот на детето во мене.

■ Кое ти е најомиленото летување?
● Она во „големата шума“ на Видое Видически и под „Јаворот“ на Видое Подгорец.

■ Пред да заспиеш, најчесто мислиш на…
● На тоа дали би добил од државата субвенции за овците што ќе ги избројам додека спијам.

■ Со кој писател би сакал да се замениш за (неговото) време на живеење?

● Со Марк Твен. Така би биле само ние двајца.

■ Што те релаксира?

● Слободната лектира.

■ Кога некој ќе те изнервира…

● Јас му се извинувам

■ Во што не грешиш?
● Што не грешам.
■ Омилен лик од старо време?
● Итар Пејо, Насрадин-Оџа и баронот Минхаузен!

■ Која човечка особина најмногу ја цениш?

● И кога лаже – да ја кажува вистината.

■ Омилен дел од гардеробата?

● Џебовите… кога се полни.

■ Кога би можел да избираш, кое цвеќе би сакал да бидеш?

● Кога веќе „никој не е цвеќе за мирисање“, зошто јас да не бидам кактус?

■ Што и недостасува на Струмица?

● Пречистителна станица… за луѓе.

■ Опиши се во четири стиха.

● Сум се родил не по своја вина,

туку по желба на тате и мама,

и тоа во една „пролетна зима“

на душек од петгодишна слама!

■ Нешто најоткачено беше кога…

● И за моето брачно патување побарав патен налог.

■ Што не ти е јасно?

● Сè ми е јасно. Ако сакаш, да ти објаснам?

■ Да имаш пари, како што ги немаш, во што би ги инвестирал?

● Во отворање сервиси за чистење на совеста.

■ Што мислиш за пчелата и мувата?

● Пчелите медот го прават, а мувите во него се дават!

■ А за гулабот на мирот и бувот?

● Гулабот на мирот веќе стана птица селица. Додека тој е на еден крај од светот, на другиот крај веќе му го запалиле гулабарникот.

■ Не ми одговори за бувот. Да немаш нешто против него?

● Имам. По цел ден само дреме, ништо не работи, пак наместо на администрацијата, го ставиле како симбол на мудроста, науката и уметноста.

■ Што мислиш за дивоградбите?

● Мене повеќе ме загрижуваат дивонадградбите.

■ Кого би го прогласил за јунак на нашево време?

● Оној што би пронашол закон против оние кои пронаоѓаат – дупки во законот.

■ Како се чувствуваш кога ќе објавиш некоја нова книга?

● Секогаш сум во дилема: дали да ја примам, или да ја одбијам Нобеловата награда за литература.

■ Сè помалку имаш коса на главата?

● Но затоа имам сè повеќе лице за миење.

■ Која музика не ја поднесуваш?

● Онаа на којашто го грешам орото.

■ Ван Гог да беше наш уметник…

● Сигурно наместо своето, би му го пресекол увото на некој свој колега.

■ Велат дека во Друштвото на писателите на Македонија имало „зависни“ и „независни“ писатели. И дека друштвото е „пренатоварено“?

● Да… На секој добар писател кај нас доаѓаат по десетина: писатели-падари, писатели-роднини, писатели-суфлери, писатели-чантоносци, писатели-чевлочистачи, писатели-такаџии, писатели-ТВ љубители, писатели-спринтери, писатели-кажимидатикажамовци и писатели-збородарители. Останатите се групи за кои сè уште не сме чуле!

■ Времето ни тече, Кириле…

●Или ние сме пребавни… А некои мислат дека одат пред времето, а всушност бегаат од него.

■ Колку е часот?

●А, на тоа прашање, ќе ви одговорам другпат, ама во присуство – на мој адвокат!

МИА