Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, на денешната прес-конференција упати сериозни обвинувања кон поранешниот директор на Царинската управа и поранешен потпретседател на СДСМ, Стефан Богоев, тврдејќи дека е осомничен за местење тендер вреден околу 300.000 евра.
„Богоев осомничен за местење на тендер во Царина вреден 300 илјади евра, притоа примил мито во вредност од 2.000 евра за да влијае на исходот на постапката“, изјави Лефков.
Според него, од јавно достапните информации произлегува дека Александар Спирковски – Џемо, поранешен претседател на Општинската организација на СДС во Прилеп, и Стефан Богоев договарале која компанија ќе го добие тендерот за одржување на хигиената на граничните премини и терминали.
„Заедно со поранешниот потпретседател на СДС, Стефан Богоев, договарале која фирма треба да го добие тендерот за одржување на хигиена на граничните премини и терминали, а со тоа директно овозможиле правниот субјект да се стекне со противправна имотна корист во износ од над 18 милиони денари“, рече Лефков.
Тој обвини дека случајот не завршува само со спорниот тендер, туку дека Богоев побарал и лична корист.
„Поранешниот градоначалник на Карпош, Стефан Богоев, се товари и за примање на награда за противзаконито влијание, вредна околу 2.000 евра“, истакна Лефков.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека барањето притвор за Богоев, според него, укажува на сериозноста на случајот.
„Со тоа што е побаран притвор за поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев, јасно е дека има цврсти докази за ова кривично дело“, изјави Лефков.
Во своето обраќање тој упати и политички критики кон СДСМ, оценувајќи дека ваквите случаи се дел од, како што рече, „матрицата на СДС“.
„Тоа е во матрицата на СДС. Криминали, тендери, афери, рекети“, нагласи Лефков.
Тој побара надлежните институции целосно да ги испитаат наводите и случајот да добие судска разрешница.
„Очекуваме од надлежните институции дека овој пат ќе ги разгледаат сите докази со кои располагаат и ќе го седнат на обвинителната клупа несудениот наследник на Заев, Стефан Богоев“, порача Лефков.




