Општина Кисела Вода континуирано вложува во создавање на современи услови во училиштата, преку редовни инфраструктурни подобрувања и модернизација на објектите. Изминативе неколку месеци се работеше на повеќе градежни зафати, реконструкции и набавка на опрема, со единствена цел да се унапреди квалитетот на наставата за секој ученик, пишува во денешното соопштение на локалната самоуправа.

– Имено, во ООУ „Партенија Зографски“ се реализираше темелна реконструкција на санитарните јазли, изградба на тоалет за инвалидни лица, комплетна замена на осветлувањето и инсталација на нова интернет мрежа. Дополнително, кабинетите за одделенска настава се целосно опремени со нов мебел и ИТ-опрема, а училишниот двор доби ново хортикултурно уредување со над 150 садници, поставувајќи висок стандард за современа образовна средина – се додава во соопштението.

Градежната офанзива и капиталните инвестиции подеднакво ги опфатиле и останатите образовни установи.

– Во ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ се реши долгогодишниот проблем со задржување на водата преку поставување на павер елементи на еден од влезовите, додека внатрешноста е освежена со комплетно реновирање на училници, поставување на ново лед-осветлување и набавка на поголем број компјутери и телевизори. Слични инфраструктурни подобрувања се одвиваат и во ООУ „Кузман Шапкарев“ во Драчево, каде е поставена нова енергетски ефикасна влезна врата и хидрантска мрежа за зголемена безбедност, а во тек е и темелна реконструкција на спортската сала – се истакнува во соопштението.

Капиталните вложувања тековно се одвивале и во ООУ „Круме Кепески“, каде во централното училиште се реновирале спортската сала и соблекувалните, обновена била училишната трпезарија, поставено било ново надворешно осветлување и потпишан бил договор со Министерството за образование за доградба на шест нови училници. Истовремено, во подрачното училиште била пренаменета просторија што сега била целосно опремена како нова ресурсна соба.

– Во меѓувреме, ООУ „Св. Климент Охридски“ доби нови бетонирани и бехатон патеки низ дворот, ново осветлување и смарт табли, додека во ООУ „Кузман Јосифовски – Питу“ во тек е изградба на нова спортска сала, извршена е реконструкција на електричната инсталација и значително е збогатен фондот на компјутерска опрема за наставниот кадар и учениците – се додава во соопштението.

Од Општина Кисела Вода наведуваат дека особено значаен инфраструктурен проект се реализира во ООУ „Невена Георгиева – Дуња“, каде во тек била доградба на објектот со нови училници и санитарни јазли, а паралелно училиштето било опремено со десетици нови десктоп – компјутери, лаптопи и интерактивни панели.

– Грижата за училишните дворови и осовременувањето на наставата е евидентна и во ООУ „Рајко Жинзифов“, каде е набавена низа неопходна опрема, од ИТ-уреди и спортски реквизити за фискултурната сала, до специјализирани алати за тековно одржување на зеленилото во дворот – истакнуваат од Општина Кисела Вода.

Градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска во пишаната изјава нагласува дека нивна обврска кон најмладите е да им се обезбеди простор, каде ќе можат безбедно и непречено да се развиваат, да учат и да ги остваруваат своите потенцијали.

– Реконструкциите и проектите што ги спроведуваме во изминатиот период во основните училишта, дел самостојно, а дел со поддршка од Владата и министерствата, се одраз на нашата посветеност кон создавање модерна и функционална инфраструктура. Инвестицијата во современи образовни објекти е директна инвестиција во иднината на нашата општина и ние продолжуваме посветено да работиме во таа насока – додава градоначалничката во соопштението.