На телевизија 21 во емисијата „Клик Плус“ гостуваше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски кој дискутираше за евроинтегративниот пат на државата и оцени дека Македонија предолго се наоѓа во истата позиција и дека е неопходно државата да добие конкретна перспектива за завршување на евроинтегративниот процес без нови условувања.
-Република Македонија 26 години колку што го има започнато овој пат, по сите отстапки што ги има направено заслужува да има предвидлив пат, пат којшто ќе го знаеме одговорот на прашањето кога и како ќе биде завршен, без дополнителни отстапки коишто 26 години ги правиме и 26 години ние сме на истото место – рече Стојаноски.
Стојаноски истакна дека ставот на Македонија останува непроменет и дека државата нема да прифати нови отстапки на патот кон Европската Унија сѐ додека не добие цврсти и писмени гаранции дека тоа ќе биде последното барање во евроинтегративниот процес. Според него, односите меѓу земјите кандидати и Европската Унија треба да се темелат на реципроцитет и почитување на европските вредности, при што оцени дека Македонија покажала висок степен на почитување на правата на малцинствата.
-Таа посета јас би ја класифицирал и би ја поделил на два дела, за нас најважно беше да го слушнеме и неговиот став во насока на потврда дека навистина се спроведуваат во државата реформи, нешто што е факт и ја пофали Владата. Прво нема да се отстапи ниту милиметар додека не добиеме цврсти и писмени гаранции од Европскиот Совет дека ова ќе биде последната отстапка, ние сакаме да градиме една комуникација којашто ќе биде двонасочна, којашто ќе биде базирана на реципроцитет. Ако ние почитуваме и ако сме светлосни години нанапред пред некои земји членки на Европската Унија во почитување на права на малцинства, очекуваме и Бугарија да ги прифати барем една од тие 14 пресуди коишто ги има од Европскиот суд за човекови права и на тој начин да покажеме дека навистина ние како држава заслужуваме да имаме пат како што имаат другите држави. Не молиме ние за милост, ниту пак бараме нешто некоја привилегија туку бараме да бидеме ценети и почитувани по перформанси, а не по билатерални прашања- истакна Стојаноски и додаде:
„Ние во минатото и името го сменивме, ни велеа само уште ова, па нели претходно беше и знамето и територијалната поделба и имаме само нови блокади, ете, го смениме Уставот и го внесеме тоа малцинство по преамбулата, што потоа ако ни стават вето? Нема одговор, одговорот е ист како што го има сега новата влада во Бугарија за којашто можеме да кажеме дека позициите не одат во фаза на омекнување туку одат во радикализација. Не само што СДС штети на евроинтегративниот процес, со ваквите позиции СДС штети на националниот интерес бидејќи ова нема да биде последното барање“.
ВМРО-ДПМНЕ




